Правосудна сага на скопска фирма – со години не може да си го наплати долгот иако со кривична тврди дека е измамена

by fokus

Скопска фирма со години не може да си го наплати долгот од нешто повеќе од 1 милион денари и обвинува дека фирмата должник по брза постапка ја затворила фирмата и ги продала машините за, како што велат, смешна цена.

Имено фирмата „Еуро графика“ од Скопје се занимава со канцелариски материјали и опрема, хартија и галантерија од хартија, печатарски материјал и опрема, а битолската печатница „Херакли комерц“ купувала од неа репроматеријали.

Но, некаде во 2020 година печатницата која работи повеќе од 30 години, со десетина вработени, со активни договори за јавни набавки од буџетски институции се затворила по брза постапка за 30 дена. Организатори на цела постапка, според оштетената фирма,  се управителот на печатницата, управителот на фирмата којашто ги купува машините и стечајниот управник.

Според оштетената фирма, машините биле продадени и покрај забраната за продажба од извршителот на 30 јуни 2021 година, а која „Херакли комерц“ ја примила на 5 јули. И покрај забраната машините биле продадени на фирмата „Илино ИНТ“ три дена откако печатницата ја примила забраната.

И со блокирана сметка  од 2020 и со забрана за продажба , „Херакли“ го отуѓува целиот имот, а според обвинителот тука нема дело.

Скопската фирма во 2021 година поднесува кривична пријава против управителот на „Херакли“ и управителот на „Илино ИНТ“ и против двете правни лица бидејќи се сомнева дека со претходен договор со намера да го изиграат и оштетат, едната на другата фирма и ги продала машините, за како што тврди во кривичната пријава, за смешна сума, иако печатницата од извршител имала забрана за отуѓување на целиот имот на фирмата.

-По претходен договор, со намера да го изиграат и оштетат доверителот „Еуро графика“ Скопје со измамничко дејствие преку склучување на лажен договор од апсект на вредноста,„ Херакли“ се јавува како продавач, а „Илино ИНТ“ како купувач, иако постоела забрана за оттуѓување врз основа на налог издаден од извршител, на 30.06.2021 година. Склучиле договор за продажба на подвижен имот, три машини чија што вкупна вредност е определена како 100 илјади денари со ддв, иако знаеле дека се работи за имот чија вкупна вредност надминува 20 илјади евра . Овие машини како старо железно вредат повеќе од 150 илјади денари, додека пак во самата извршна постапка, вешто лице  при вршење на процена во предметот само машината „Офсет преса ман роланд“ ја проценил на 623.560 денари без ддв, а пријавениот ја отуѓил по цена од 40 илјади денари, се вели во кривичната пријава.

Преку адвокат, скопската фирма бара од битолското обвинителство управителите да се гонат за кривични дела оштетување на доверителите и лажно предизвикување на стечај.

Битолското обвинителство им одговара по една и пол година и носи решение со кое ја отфрла кривичната пријава со образложение дека пријавените дела, оштетување и повластување на доверителите не биле кривични дела кои се гонат по службена должност.

Според обвинителството, управителот на фирмата самиот си поднел предлог за отворање на стечајната постапка, стечајниот управник констатирал дека друштвото поседувало три трансакциски сметки кои биле блокирани повеќе од 45 дена, не поседувало движен и недвижен имот. Стечајниот управник утврдил дека печатницата нема ниту имот доволен за покривање на трошоците и дека затворил поради ситуацијата со ковидот.

Во однос на вредноста на машините обвинителството констатира дека не може да се утврди дека цената на машините била многу ниска бидејќи не се продаваат на пазарот во Македонија и не може да се утврди точната цена, па се констатира дека пазарната цена во 2021 година била пониска од 160 илјади денари односно блиску до цената за којашто е продадена.

Како аргумент плус обвинителството пишува дека една од машините која била купена околу 600 илјади денари била во употреба од 2011 година и дека е амортизирана и нефункционална.

Сепак скопската фирма не се откажува и поднесува жалба до решението на битолското обвинителство во која пишува дека се работи за еклатантна едностраност и пристрасност на јавниот обвинител без доволно познавање на граѓанско правните институти.

Според жалбата, јавниот обвинител еднострано поклонил верба на пријавените дека машините не биле во добра состојба, биле неисправни и нефункционални, иако купувачот е должен при приемот да ги прегледа машините.

Според првото сценарио на адвокатот, јавниот обвинител еднострано им поклонил верба на двете фирми со цел да им помогне да избегнат кривична одговорност, а второто сценарио е дека обвинителот воопшто не ги разгледал доказите кои му биле доставени во прилог ,па не видел дека пријавените лица изјавиле дека машините се исправни при склучувањето на договорот.

-Невозможно е машините да биле исправни при склучувањето на договорот, а да бидат неисправни кога треба пријавените да се соочат со кривична одговорност, се вели во жалбата.

За тоа дека фирмата не работела воопшто од почетокот на 2021 година, одбраната со противаргумент тврди дека правното лице имало активни договори за јавни набавки и обавувало дејност уредно до моментот на продавање на машините, а како доказ за тоа го наведува исказот на извршителката.

-Правното лице вршело пресметка на плати за вработени, трошело струја, склучувало договори за јавни набавки и имало вработени кои не би требало да бидат вознемирени од извршителката која што сакала да направи попис..Да се надеваме дека пријавеното правно лице не користело холограми и вештачка интелигенција за невидливо обавување на својата дејности или уште пострашно вработените биле држени како заложници од страна на вонземјани во период од јануари до август 2021 година коишто ги присилувале да одат на работа без да работат било што, туку само да ги гледаат машините, се вели во жалбата.

-Јавниот обвинител во своето образложение на еден крајно неумсен начин се обидува да ја дискредитира проценката извршена од проценителот кој што е ангажиран од страна на извришителката по принципот „тази дупка не е дупка“ тврдејки дека проценителот вршел проценка на машината исклучиво на база на фотогорафии, без притоа да се има предвид дека проценителот бил присутен на лице место кога се правени фотографиите и дека истите се само прилог на извршената проценка, и дополнително по кажувањата на сите присутни кога е фотографирана машината дека истата била исправна и во неа немало никакво дополнитено вложување, се вели во жалбата.

Предлогот за стечај, според адвокатот на оштетената фирма е поднесен до судот во Битола откако машините биле продадени и дека фирмата била турната под стечај без да се спроведе стечајна постапка.

Друштвото имало активни побарувања и активни деловни односи со повеќе коминтенти и повеќе државни органи по повеќе активни договори за јавни набавки, нешто за што е уредно известен и стечајниот управник со е-маил од страна на управителот на оштетеното правно лице кому му се доставени списоците на договорите за јавни набавки кои што се склучени и активни од кои што може да се увиди дека правното лице Херакли Комерц имало имот кој што може да биде впаричен и да се пристапи во процес на реорганизација и продолжување со работа, се вели во жалбата.

Тие бараат Вишото обвинителство во Битола да ја уважи жалбата, да го укине решението на битолското обвинителство и да го задолжи да ја продолжи кривичната постапка и да поднесе обвинение.

Фото: Pixabay

Ф.Ф.С.

Поврзани новости