Државното правобранителство реагира на заедничката изјава на обвинителите Артан Ајро и Гаврил Бубевски, кои тврдат дека наводите во кривичната пријава поднесена против нив од Правобранителството за несовесно работење во случајот „Труст“, се невистинити.
„Наводите на обвинителите дека во предметот “Труст“ ги превземале сите мерки и активности во нивна надлежност, при што задача на обвинителството било да ја лоцира имотната корист, да побара од судот нејзино замрзнување и на крајот на судската постапка да предложи нејзина конфискација, се зборови без конкретни докази.
Што точно лоцирале, на кој имот предложиле замрзнување и на кој имот е мерката конфискација – имот кој не е на Трансмет, имот кој истовремено е предмет на времена мерка и кој е предмет на гаранција?
Да предложат конфискација на имотната корист, да, тоа го сториле, ама на имот кој е целосно оптоварен со хипотеки и други стварни права. И што сега со имотот и што со извршената конфискација?
Обвинителите во својата изјава не образложија зошто не превземале ништо кога се утврдило дека имотот не е на Трансмет, и зошто тогаш не предложиле проширена конфискација спрема трети лица. Што направиле за да спречат ова што сега се случува?
Кои докази ги предлагаат во поткрепа на нивните наводи. Истите не кажуваат зошто согласно член 541 став 5 од ЗКП не доставиле барање во рамки на кривичната постапка да се утврди дека правните дела со кои е оптеретен имотот предмет на конфискација се неважечки, кое нешто никако неможе да биде обврска на Државното правобранителство. Потребно е да се објасни околноста зошто во кривичната постапка не е повикан Државниот правобранител.
Државното правобранителство на Република Северна Македонија излезе со конкретни докази, со образложени наводи, донесени пресуди. Поднесената кривична пријава е поткрепена со датуми, со документи, со судски одлуки, па „ценетите“ обвинители ќе имаат можност дел по дел да се произнесуваат по секој од нив.
Каде беа овие обвинители во текот на 2021 година кога Државниот правобранител на Република Северна Македонија алармираше до сите институции за проблемот со Трансмет. Никаде.
Откако излезе во јавност кривичната пријава дури сега се најдоа повикани за да дадат некои појаснувања, а кои најмногу се однесуваат на префрлување на вината на друг.
Државното правобранителство има цврсти докази и жалосно е што ја работи работата на обвинителите, кои морале да ја вршат својата главна надлежност, да гонат сторители на кривични дела и да не дозволат истите да се извлечат со незначителна санкција и да го заштитат јавниот, а не приватниот интерес.
Обвинителите изјавуваат дека стечајната постапка е поведена меѓу првостепената и второстепената кривична пресуда што не е точно. Стечајната постапка е отворена со Решение на Основен суд Скопје 2 Скопје од 04.09.2019 година објавено во Сл.весник на РМ бр. 192 од 18.09.2019 година, а по правосилност и извршност на кривичната пресуда.
Од ова произлегува дека префрлање на одговорноста на Државното Правобранителство во стечајната постапка претставува груба манипулација, спротивна на фактите кои произлегуваат од доказите доставени кон кривичната пријава и спротивно од законските одредби.
Самите обвинители во својата заедничка изјава се контрадикторни кога прво изјавуваат дека стечајната постапка е поведена меѓу првостепената и второстепената кривична пресуда, а подолу во текстот наведуваат дека стечајната постапка е по правосилноста на пресудата
Нејасно е како пријавените обвинители се служат со невистини кога изјавуваат дека наводно стечајниот судија кој ја водел стечајната постапка му предочил на Државниот правобранител дека дел од имотот кој е предмет на стечајно побарување е предмет на конфискација кога таква законска можност и овластување нема за стечајниот судија.
Непостапувањето е исклучиво на страна на пријавените Јавни обвинители на штета на имотот на државата. Обвинителите во своето постапување и при давањето на изјавата воопшто го немаат во предвид член 154 од Законот за сопственост и други стварни права.
Во стечајната постапка имотот на Трансмет бил веќе запишан во катастарот на недвижности на РСМ-Агенција за управување со одземен имот и не бил имот на Трансмет кој евентуално би требало да биде предмет на излачна пријава. Поради пропусти на јавните обвинители овој имот останал оптоварен со хипотеки и товари“, стои во реакцијата на Државното правобранителство.