Правниците вчудоневидени: Додевски врши притисок врз судиите за притворот на Сеад Кочан

by fokus

Правните експерти се изненадени и вчудоневидени од реакцијата на Никола Додевски, адвокатот на Сеад Кочан, осомничен во случајот „Труст“ кој попладнево побара предметот за првоосомничениот веднаш да биде доставен на одлучување до Апелацискиот суд – Скопје зашто рокот за донесување одлука по жалбата истекувал во 17 часот и 20 минути.

За правните експерти е нејасно тврдењето на адвокатот Додевски, дека во 17,21 решението за определување мерка притвор, нема да произведува правно дејство. Велат дека Законот за кривична постапка ( ЗКП) не предвидува такво нешто и затоа оценуваат дека станува збор за притисок врз судиите во Апелацискиот суд кои допрва треба да одлучуваат по жалбата за притвор на Кочан.

Напротив, велат нашите соговорници, рокот може да се пролонгира дури и за една недела, ако се има предвид дека треба да завршат сите дејствија пред да настапи Апелацискиот суд. Прво треба одлуката на Кривичниот суд да биде доставена до сите инволвирани страни, и откако тие ќе се произнесат, следи одлучувањето по жалбата во  Апелацискиот суд. Рокот од 48 часа тече откако предметот ќе стаса во апелација.

 Наспроти ваквото тврдење, адвокатот на Кочан смета дека Судот незаконски, пред правосилноста на решението за притвор, издал наредби за притворање и за издавање потерници.

Додевски денеска доставил писмена ургенција до Основниот суд – Скопје 1 за претседателката на Кривичниот совет Гордана Спиреска во која уште еднаш укажал на околноста дека преклузивниот рок од 48 часа во кој Апелацискиот суд мора да донесе одлука по жалбата, истекува во 17,20 и оти со тоа што предметот не го доставува Кривичниот совет, го оневозможува тоа одлучување.

Попладнево Додевски испрати уште едно соопштение во кое информира дека Кривичниот совет на Основниот суд Скопје 1 Скопје, и покрај поднесената Ургенција од одбраната, не го доставил предметот на осомничениот Сеад Кочан на одлучување до Апелацискиот суд Скопје по жалбата на одбраната против Решението за определување мерка притвор.

– Со оглед дека преклузивниот рок во кој Апелацискиот суд беше должен да донесе одлука, истече во 17,20 часот, одбраната веднаш поднесе Барање до Кривичниот совет да донесе решение со кое ќе се стави вон сила Решението за одредување мерка притвор, ќе се укине притворот на осомничениот Сеад Кочан и ќе се прекинат сите дејства преземени од МВР Скопје. Сето ова поради фактот дека Решението не може да произведува правно дејство кога е изминат рокот за донесување одлука по жалбата, а во кој рок предметот не е ниту доставен до Апелацискиот суд – информира Додевски.

Според полициски извори, како што објавивме претходно, бизнисменот Сеад Кочан во четвртокот во 13, 53 минути ја напуштил Македонија преку граничниот премин Табановце, истиот ден кога му бил одреден притворот. Адвокат Додевски изјави дека Кочан бил на службен пат, но не ја откри дестинацијата.

Покрај Кочан, во „Труст“ осомничен е и Василије Авирович, овластен потписник на компанијата „Силекс неметали“, за кого судија на претходна постапка одреди мерки на претпазливост.

Според истрагата на СЈО, обвинетите фалсификувале документи со кои добиле тендер од 17 милиони и 200 илјади евра од ЕЛЕМ за ископ на јаглен и јаловина од рудникот Суводол. Овие три фирми на тендерот настапиле како конзорциум, а главен носител била „Трансмет“, компанијата на Кочан.

Поврзани новости