Правниот тим на Бојан Јовановски – Боки 13 денеска до медиумите ги испрати медицинските потврди и конзилијарни мислења кои, како што велат, покажуваат дека на нивниот клиент во затвротот не може да му се обезбеди соодветно лекување.
-Ја информираме јавноста дека е констатирано и утврдено дека во затворот, односно во пенални услови не постои ниту начин, ниту постојат услови за неопходно лекување и третман на Бојан Јовановски. Од страна на 11 доктори од Итната помош која доаѓала секојдневно во затворот констатирано е дека препишаната терапија од отпусното писмо од 17.02.2023 година нема услови целосно да се спроведе во затворски услови и да се аплицира и дека на лице место во затворот е утврдено од 11 лекари дека нема услови и можност за спроведување и примена на неопходниот хигиено-диетски режим. За констатираното и утврденото од докторите од Медицинската итна служба изготвени се писмени потврди од самите доктори со нивни печат и потпис кои ви ги доставуваме во ова соопштение за јавност. Овие докази се доставени до Основниот кривичен суд каде сеуште трае жалбената постапка за барањето за прекин на ден 02.03.2023 година, доставени се и до Управата за извршување на санкции на ден 03.02.2023 година, како и специјалистички контролен извештај од 01.02.2023мгодина од ЈЗУ УКХБ св.Наум Охридски.
Тие велат дека нивната постапка со која бараат прекин на служење на казната поради неможноста да му се пружи соодветно лекување во затворот трае веќе четири месеци, иако станува збор постапка од итен карактер.
-Овие докази кои ги доставуваме до медиумите и до јавноста ја покажуваат тортурата на дело, па оттука гласно го поставуваме прашањето кој ќе сноси одговорност за оваа организирана и координирана хајка и најважно од се е кој ќе сноси одговорност доколку настанат компликации кои директно може да резултираат со смртоносни последици по животот на Бојан Јовановски, бидејќи од сето приложено и сега докажано на лице место во затворската установа од 11 лекари дека нема услови за лекување и третман во затворот, велат од правниот тим.