Актуелните правила за влез во Грција воведени пред еден месец, продолжени се за уште две седмици и негативен тест ПЦР или рапид и понатаму е задолжителен за сите патници независно дали се вакцинирани или не, мерка што важи и за државјаните на Северна Македонија, јави дописничката на МИА од Атина.
Новата министерска одлука „Предуслови за влез во земјата за ограничување на ширењето на Ковид-19“ стапува во сила утре, а ќе важи до 7 февруари 2022 година во шест часот.
Негативен резултат од ПЦР тест направен до 72 часа пред патувањето или рапид тест 24 часа пред пристигнувањето, заедно со пополнет PLF формулар се задолжителни за влез во Грција, без разлика дали посетителите се вакцинирани, дали прележале Ковид-19 или се невакцинирани.
Паралелно, нема промени и во однос на невакцинираните патници од 16 земји меѓу кои и од Северна Македонија, кои освен негативен тест пред патувањето, потребно ќе биде да добијат и негативен тест на самата граница при задолжителното тестирање од грчките власти.
Министерската одлука веќе е објавена во Службен весник на Грција, а МИА детално ги пренесува сите предуслови за патување кај јужниот сосед.