Правен егзибиционизам

by fokus

Не е ни таму сѐ совршено, и таму владеат мито и корупција, привилегии, но никој не е над законот, секој одговара подеднакво пред законот. Во мигот кога ќе се обелодени кривично дело за кое има докази, американскиот правен систем реагира против секого без оглед на позицијата, општествената положба или богатството.

 Пишува: Звонко Давидовиќ

Полицаец усмрти човек притискајќи го со колено на вратот повеќе од 20 минути. Ова убиство, ова нечовечко однесување ги разбранува Соединетите Американски Држави и ги отвори прашањата и проблемите што тлеат повеќе децении во „најдемократското општество“, прашањата на меѓурасните односи.

Но, без оглед на проблемите и разликите на припадниците на американското општество, бојата на кожата, вероисповедта, функцијата или позицијата во општеството, американското правосудство функционира, па против убиецот е покрената постапка и се соочува со долгогодишна затворска казна.

Демонстрациите и протестите, кои сѐ уште траат, не беа причина и повод за реакција на американскиот правосуден систем, кој постапува според словото на законот, а не под притисок на јавноста или диригентската палка на функционерите или партиите. Не е ни таму сѐ совршено, и таму владеат мито и корупција, привилегии, но никој не е над законот, секој одговара подеднакво пред законот. Во мигот кога ќе се обелодени кривично дело за кое има докази, американскиот правен систем реагира против секого, без оглед на позицијата, општествената положба или богатството.

НЕ ТРЕБА ДА ИМА НЕДОПИРЛИВИ ПРЕД ЗАКОНОТ

Романскиот претседател е  казнет затоа што не носел маска и затоа што пушел во својот кабинет. Романија, која до скоро ги носеше лузните од режимот на Чаушеску, го ресетираше својот правен систем, недозволувајќи да има недопирливи. Специјалната јавна обвинителка  Ковеши им покажа на функционерите, тајкуните , политичарите, но и на народот дека недопирливи нема пред законот, но дека може и треба да има недопирливи и непоткупливи обвинители и судии.

Припадник на МВР и на партиското обезбедување го усмрти Мартин Нешковски. Министерката за внатрешни се правеше недоветна, жалејќи што „не можеш ни едно убиство да скриеш“, власта се обидуваше да го скрие случајот, обвинителството спиеше. Дури по бурни реакции и упорноста на средствата за јавно информирање и јавноста вистината излезе на виделина, а правосудниот систем беше принуден да реагира.

Еден од претседателите на Македонија аболираше десетици лица против кои се покренаа постапки од специјалниот јавен обвинител. Потоа по принципот „пу, пу, не важи“ ги повлече веќе дадените аболиции. Со ова им овозможи на двајца наши врвни разузнавачи, против кои СЈО покрена постапка, да се кријат во Грција и никогаш да не бидат екстрадирани во Македонија. Истиот тој, претседател го кршеше Уставот непотпишувајќи указ за закон, но и не давајќи го мандатот за составување влада на коалицијата што обезбедила мнозинство. За ваквите прекршувања на Уставот и законите, правосудниот систем остана и слеп и глув. Одговорност никој од никого не побара.

ПОЛИТИКАТА ПОСИЛНА ОД ПРАВДАТА

Специјалната јавна обвинителка, која требаше да ги гони високите функционери за криминал што се слушаше во „бомбите“ и која имаше невидена поддршка на народот и беше носител на надеж во подобра иднина, правда и правичност, владеење на правото, еднаквост пред законот, на крај заврши таму каде што требаше да прати многу криминалци, на обвинителна клупа. И тоа таму ја смести обвинителка од обвинителство, кое беше извикано и кое функционираше како партиско обвинителство и поради кое и се формираше СЈО. Не само што покажа и докажа дека има недопирливи во криминалот, туку и дека нема недопирливи меѓу оние кои треба да го гонат криминалот и дека политиката е посилна и од законот и од правдата.

Во тој дух една партија предложи и донесе Закон за амнестија, со кој покрај партиските потреби и политичкиот егзибиционизам покажа дека правосудниот систем е сервис на политичките потреби и желби на извршната власт. Селективната правда, нееднаквоста пред законот, длабоко навлезена политика во правосудството, недопирливоста и неказнивост на поединци блиски до власта или во власта, заробено судство, исполитизирани институции и државни органи се реалност и начин на функционирање и на оваа власт и гарнитура исто како и на претходната, и таа пред неа и таа пред неа….

Сѐ што следуваше и ќе следува понатаму ќе биде под диригентска палка на извршната власт, затоа што законодавната во мигот не постои, а судската е само измеќар на извршната. Се сеќавам на ветувањата за генерален реизбор, па за евалуација, па ветинг, па се сеќавам на метлата што ќе го прочисти правосудството, ама ниту една буква од ветувањата не се оствари, ниту се направија барем обиди да се направи. Наместо тоа, се продолжи таму каде што претходните застанаа по ист терк и корист, само се сменија тие што имаат ќар.

Поврзани новости