Кога зборуваме за заробена држава и за хибриден режим, школски пример за тоа кој ќе се изучува во учебниците по право се настаните од 27 април. Токму низ овие настани може да се види лицемерието на власта и нефункционирањето на правната држава, пред сѐ, на ОЈО предводено од Јовевски.
Самоил МАЛЧЕСКИ
Тамам мислиш дека нешто завршило, дека некои навики се минато во македонското општество, тука е Марфи да те потсети дека не си бил во право. Ако во минатото бевме сведоци на протести и на контрапротести организирани од власта и од опозицијата, денес сме сведоци на маршови и контрамаршови.
И тогаш и сега е јасно зошто опозицијата ги организира овие настани. Тие се своевидна критика на тоа што го прави власта, и тоа е нивно легитимно право. Но, и тогаш и сега останува нејасно која е поентата власта да протестира, или ако ви е поубаво, маршира. Истата таа власт која има парламентарно мнозинство со кое може да спроведе реформи, ги контролира сите институции итн., излегува на улици и маршира за правда.
ВЛАСТА МАРШИРА ПРОТИВ СЕБЕ
Власта маршира против својата министерска за (не) правда, против телото за реформи во правосудството, кое го предводеше нивниот „лидер“, против таткото на советникот на премиерот, против членовите на нивната партија, кои изминативе периоди добија функции во судските и на обвинителските тела.
На овој начин власта неуспешно се обидува да ја дефокусира јавноста од сите лаги и сите глупости што ги направија во изминатиот период. Тука треба да напоменеме дека СДСМ, иако не победи на избори, дојде на власт со ветувања за реформи, како што тие кажуваа за ослободување на заробената држава, справување со режимот, имплементирање на забелешките од извештајот на Прибе итн.
Списокот на нивните ветени, а нереализирани работи може да го најдете на нивната веб-страница во најголемата измама во последната декада, т.е. во таканаречената програма за живот. Живот не дојде, барем не за граѓаните, но затоа мотото едно општество за сите, се трансформираше во една криминална банда за сѐ.
Набргу по доаѓањето на власт, СДСМ заборави на сите свои ветувања, Прибе до ден-денешен воопшто не го спомнуваат. Но, затоа преку телата што требаше да донесат реформи си обезбедија ослободителни пресуди за случаите во кои беа гонети за висока корупција.
Уставот го третираат како тоалетна хартија. Собранието остана гласачка машинерија, па дури и надвор од процедури повторуваат гласања, кога не им одговара исходот од гласањето. Ја убија надежта за правда наречена СЈО и се креатори на аферата Рекет, која патем неуспешно се обидуваат да ја забошотат. Слушаме дека продолжиле да местат пресуди во стилот „трас-трас“.
НАСТАНИТЕ ОД 27 АПРИЛ
За настаните од 24 декември продолжија да шпекулираат, наместо да ги расветлат и некој да понесе одговорност. Се здружија со криминалците од претходната власт, седат по кафеани, си делат тендери и лиценци за казина и, што уште не, далеку од очите на јавноста. Државата не ја ослободија, остана заробена, а од режим преминавме во хибриден режим.
Кога зборуваме за заробена држава и за хибриден режим, школски пример за тоа кој ќе се изучува во учебниците по право, се настаните од 27 април. Токму низ овие настани може да се види лицемерието на власта и нефункционирањето на правната држава, пред сѐ, на ОЈО предводено од Јовевски. Претставниците на власта кога зборуваат за 27 април зборуваат само за тоа што им одговара, а молчат, молчи и ОЈО за сѐ друго.
Кога зборуваме за 27 април, зборуваме, не за еден настан, туку за след на настани што се случија тој ден, и тоа по ред:
- Пеење туѓа химна во Собранието на Република Македонија.
- Спорниот избор на Џафери за Претседател на Собранието на Република Македонија. До денес, 3.3.2020, нема записник од конститутивната седница, нема листа кои пратеници гласале за изборот на Џафери, нема одлука за избор на Џафери за Претседател на Собрание.
- Отворање на влезните врати од Собранието.
- Немилите настани на кои сите бевме сведоци.
- Селективната амнестија по мерка на власта (кој им требаше и им треба е амнестиран, а другите ќе лежат во притвори и во затвори).
- Селективното гонење на виновниците по мерка на власта.
Освен во точка 4 (а може и има), СДСМ е вмешана во сите останати настани од тој фамозен 27 април! Зошто ОЈО и обвинителството што го предводи Русковска молчат и не поведуваат сеопфатна истрага за тие настани, на сите ни е јасно. Перфектно функционира спрегата со раководството на СДСМ. Токму за да може на ваков начин да го контролираат судството и да манипулираат со обвинителството, си донесоа Закон за јавно обвинителство, каков што го донесоа и на начин на кој го донесоа.
Битката за правна држава продолжува. Битката за реформи продолжува. Тоа е најмалку што можеме да направиме за поколенијата што доаѓаат. Искрено се надевам дека конечно ќе го добиеме тој датум за преговори со ЕУ. Тоа ќе значи реално спроведување реформи и хармонизација на законодавството на Република Македонија со она на ЕУ. Тука веќе ќе нема простор за фолирантите и нивното трас-трас.