Правда за штедачи: Фирма должи 620.000 евра кон Еуростандард, а сега е пред бришење

by fokus

Времето покажува дека фирмите должници го спроведуваат планот што им бил зацртан во времето кога ги договориле и добиле парите во вид на кредити од Еуростандард банка за да потоа ги затворат фирмите или се движат кон таа цел. Според извештајот за банката на стечајниот управник Душко Тодевски бројни несолвентни фирми добиле кредити, а сега, откако ги поделиле парите, дел од тие фирми банкротираат, се вели во денешното соопштение на здружението на штедачи од Еуростандард банката „Правда за штедачи“.

-Еве уште еден таков пример. Фирмата за производство, трговија и услуги Рецикл еко-трејд ДООЕЛ експорт-импорт Скопје е фирма пред затворање. Оваа фирма има долг кон Еуростандард банка од околу 620.000 евра и нема платено ниту една рата 224 дена пред затворање на банката минатата година. За земениот кредит се води хипотека на деловен и друг недвижен имот со вкупна проценета вредност од 240.000 евра, што е околу 2,6 пати помал износ од долгот на фирмата. Фирмата е основана во мај 2008 година, со паричен влог од 5.000 евра, тројца вработени и седиште во општина Карпош. Сопственик и управител на фирмата е Денис Владимирович Гафнер, велат од здружението.

Според нивните податоци, во последните две години, 2019 и 2020 година, за фирмата не се водат деловни активности. Според билансите на фирмата, последниот регистриран годишен приход е во 2018 година од 5.300 евра и загуба од 30.000 евра. Истата година фирмата имала обврски од 740.000 евра и акумулиран капитал од 4.500 евра. Или 165 пати поголем долг од капиталот на фирмата додека задолженоста била 99 отсто. Слични перформанси фирмата имала и во претходната 2017 година.

-Сега за фирмата се води дека е во постапка за бришење во Централниот регистар според член 552-б од Законот за трговски друштва, односно на основа на недоставување на годишни сметки и финансиски извештаи. Тоа е пракса што се повторува во многу фирми должници на Еуростандард банка, предупредуваат штедачите.

Поврзани новости