Граѓаните излегуваат на протест по сообраќајката на „Пластичарска“ каде загина 10-годишно дете.
„Ги повикуваме сите медиуми да го проследат Протестот за Правда на Мануел кој ќе одржи во петок (24 ноември) со почеток во часот од собирното место пред теќето во Топаана, а ќе заврши пред Основниот Кривичен суд. Пред Кривичниот суд ќе се обратат по двајца говорници, таткото на Мануел, Себастиан Асановски и претставник на Ромалитико кои ќе дадат и изјави.
На 12 октомври, 21 годишниот Шукри Зеќири, со возило марка Мерцедес Е-320 на улица „Пластичарска“ со брзина од 76 километри на час (26 километри час над дозволената брзина од 50 километри на час) го усмрти 10 годишниот Мануел Асановски и побегна од местото на трагедијата.
На 15 ноември, судијката Марија Клетничка донесе пресуда во која се наведува дека 21-годишниот Зеќири сторил кривично дело и му е определена затворска казна од 2 години и 3 месеци и 3 годишна забрана за управување со моторно возило по отслужување на казната. Ваквите пресуди во коишто сторителите добиваат минимални казни, а има човечки жртви, како во случајот на Мануел, дополнително ја потврдуваат недовербата на граѓаните во правосудниот систем во државата.
Укажуваме дека губењето на животот на 10 годишниот Мануел е трагедија и болка којашто ќе го следи семејството до крајот на животот и најмалку што може судот да направи за овој случај е да донесе праведна одлука за казна на сторителот.
Со организираниот протестен марш, Ромалитико, ромската заедницата и сите незадоволни од судскиот систем, а во овој случај незадоволни од одлуката на судијката Марија Клетничка донесена во петок (24 ноември), бараме:
1. Казната затвор да биде зголемена и да се земат околностите според кои е сторенокривичното дело;
2. Пристап до правда и правични пресуди за ромската заедница во случаи кога жртвата еРом/ка
3. Активноучество на ромската заедница во судската власт“, се вели во најавата за протестот.