Министерството за правда утре ќе го соопшти составот на работната група за измени на Уставот.
Рокот што им беше даден од Министерството за правда на институциите и политичките партии во дописот за номинирање свој претставник во работната група истекува вечерва на полноќ.
Последните информации се дека работната група треба да има меѓу шест и осум експерти. Политички партии и одредени институции во јавноста веќе ги соопштија имињата на лицата што ќе ги претставуваат.
СДСМ денеска соопшти дека во работната група нив ќе ги претставува Цветанка Иванова.
Алијанса за Албанците соопшти дека претставник на партијата во работната група за уставните измени ќе биде пратеникот Ремзи Мехмеди.
Денеска се очекува и ДУИ да соопшти кој ќе биде номиниран од оваа партија.
ВМРО-ДПМНЕ, Алтернатива, Левица, СПМ и Демократски сојуз викендов информираа дека нема да учествуваат во работната група.
Во јавноста излегоа имиња на експерти, но засега нема официјална информација кој од нив ќе биде дел од оваа работна група.
Од Министерството за правда велат дека се додека не заврши рокот, вечерва на полноќ, нема да соопштуваат имиња.