Министерството за правда одби да се спогоди, односно не им понуди парична сума за обештетување на обвинетите во случајот „Ровер“, кои по девет години судење и три години поминати во притвор, добија правосилна ослободителна пресуда.
Обвинетите, Љубе Бошковски, Зоран Трајковски, Гоце Митровски, Никола Негриевски, Сашо Јовановски и Ивица Ристиќ, кои се гонеа за вмешаност во двојното убиство на Маријан Тушевски и Киро Јанев од далечната 2001 година, правосилната ослободителна пресуда ја добија на почетокот на годината, но се уште не добија обештетување од државата. Како што е редот, тие најпрвин се обратиле до Министерството за правда, со барање да им се понуди износ на надоместок за претрпената материјална и нематеријална штета, но од таму ги упатиле правото да си го бараат пред надлежен суд.
-Министерството за правда по проучување на приложеното барање, односно понуда за спогодбено утврдување на штета, согласно член 551 став 1 од Законот за кривичната постапка, ве известува дека не го усвојува барањето за надомест на материјална и нематеријална штета поради неосновано лишување од слобода.
Истовремено, го упатуваме подносителот на барањето на своите права да ги остварува во натамошна постапка со поднесување на тужба за надоместок на штета пред надлежен суд, се наведува во известувањето од Министерството за правда испратено до оштетените.
Од правда побаравме одговор зошто не им понудиле спогодба на оштетените, туку ги упатиле на судење? Но од таму не наведуваат конкретна причина, туку се повикуваат на Законот за кривична постапка.
-Постапувањето на Министеството за правда во конкретните случаи и по поднесени барања за надомест на штета на лица неосновано или незаконито лишени од слобода или неоправдано осудени лица е согласно член 551 став 1 од Законот за кривичната постапка, при што истото до полномошникот на подносителот на барањето или до самиот подносител доставува известување дека не се усвојува барањето за надомест на штета со упатување барателот своите права да ги остварува со поднесување на тужба за надоместок на штета кај надлежен суд, ни одговорија од министерството.
ДЕСЕТИНА ГРАЃАНИ ГОДИШНО БАРААТ ОБЕШТЕТУВАЊЕ
Од обвинетите за овој случај само Бошкоски не беше во притвор, бидејќи во тој момент издржуваше затворска казна за случајот „Кампања“, но тој има други околност за кои бара обештетување, односно траумите кои ги преживеал од 9-годишното влечкање по судовите.
Тој во изјава за „Фокус“ веќе еднаш изјави дека отштетата нема да ги излечи или избрише сите преживеани стресови и трауми, но дека сепак таа им следува.
-Отштетата е најневажното нешто во овој момент, но сепак таа ни следува. Додека не гонеа, на мојот поранешен соработник Зоран Трајковски му починаа и таткото и мајката, децата мораа да живеат и растат без нас…Можам само да кажам дека со оштетата ќе израдувам многу лица, сакам да им се одложам на оние кои беа тука за мене и за време на судењата ми беа поддршка, сепак за тоа не сакам и нема да зборувам јавно. Мене тие пари не можат да ме направат среќен, поминав 11 години во белосветски зандани, изјави Бошкоски за „Фокус“, набрзо по добиената ослободителна пресуда.
По десетина граѓани годишно, по грешка на правосудниот систем, невини завршуваат зад решетки, и тоа во притвор каде што условите се најлоши. Откако ќе ја докажат невиноста, почнуваат нова правна битка за надомест на траумите што ги преживеале.
Пред една година државата се спогоди да им исплати 1,2 милиони евра за обештетување на 11 неправедно осудени за случајот „Сопот“. Овие граѓани поминаа една деценија зад решетки, а откако СЈО го презеде случајот ги прогласи за жртви, односно го повлече обвинението.
Обештетувања доби и поранешниот разузнавач Зоран Верушевски, како еден од обвинетите во случајот „Пуч“. За времето кое го помина зад решетки, односно 334 дена во истражниот затвор „Скопје“, судот извага дека треба му ги надомести со 122 евра од ден, или вкупно државата да му исплати над 40.000 евра. Неговата сопруга, Соња Верушевска, пак доби помало обештетување, односно таа помина 175 дена во притвор за што треба да и бидат исплатени 17.000 евра, или по 97 евра од ден.
Обештетување за неправедно притворени во „Пуч“ бараат и Звонко Костовски и Ѓорѓи Лазаревски, свиркачите кои го открија масовното нелегално прислушување во УБК.
И тие најпрво биле одбиени од Министерството за правда, каде што барале да се спогодат со државата, па затоа правдата ја бараа на суд. Лазаревски помина 329 дена во притвор, а Костовски зад решетки беше 420 дена. Но наместо бараните 160 евра, Лазаревски доби 75 евра, или вкупна сума од над 24.000 евра.
Валентина Вурмо