Министерството за правда ќе почне да ги собира документите за Игор Спасов, осудениот за убиството на Мартин Нешкоски кој вчера беше фатен во Бугарија по бегство од повеќе од една година, и ќе бара тој да биде екстрадиран во земјава.
-До Министерството за правда утрово пристигна известување од Министерството за внатрешни работи дека лицето Игор Спасов е приведено во Софија. Министерството за правда, по прибирањето на сите потребни документи, во предвидениот рок ќе достави до бугарските власти барање за екстрадиција на Игор Спасов назад во земјава, велат за Фокус од Министерството за правда.
Според нивните последни информации од бугарските власти, Спасов се уште бил во полициска станица и се уште не му бил одреден екстрадиционен притвор. Сепак, велат дека тие се во постојана комунакција со бугарските колеги и дека овие информации може да се сменат во меѓувреме.
Од Министерството за внатрешни работи ја повторија вчерашната информација дека Спасов е приведен по наша распишана меѓународна потерница. -Се разбира дека сме во постојана комуникација, за да се спроведе целокупната процедура. Известено е Министерството за правда и натаму тие ја продолжуваат постапката, велат од МВР за Фокус.
Спасов беше уапсен вчера околу 15 часот во населбата „Младост“ во Софија. Како што пренесуваат бугарските медиуми, Спасов одредено време, како што пишуваше Фокус уште минатата година, живеел во Турција, а од таму преминал во Бугарија. Спасов го пријавила во полиција жената со која живеел во станот во Софија и тоа за семејно насилство. Кога полицијата го уапсила сфатила дека тој се бара со потерница за издржување на затворска казна за убиство.
Спасов беше осуден на 14 години затворска казна за убиството на младиот Мартин Нешкоски кој беше претепан до смрт додека ВМРО-ДПМНЕ ја славеше партиската победа на плоштад во 2011 година. Спасов одлежа осум години од затворската казна, а успеа да избега, во октомври 2019 година. Од тогаш се води предистрага која институција потфрлила во неговото бегство, но виновник нема.
Ниту една институција не го контролирала осудениот специјалец додека бил на слобода, односно додека имал прекин на издржувањето на затворската казна поради здравствени проблеми, a сите институции, сепак, тогаш се правдаа дека постапиле законски. Единствено имал обврска секој месец да доставува медицинска документација до судијата за извршување санкции во штипскиот суд, неговиот роден град.
Според Законот за извршување санкции, осуденото лице на кое му е дозволен прекин на издржувањето на казната заради лекување е должно секој месец да достави медицинска документација на судијата за извршување на санкциите за неговата здравствена состојба. Судијата може да ги провери околностите наведени во барањето за продолжување на прекинот, а по извршените проверки, врз основа на мислење на здравствениот работник, медицинска документација и мислењето на надлежен јавен обвинител, во најкус можен рок да донесе решение.
До донесување на решението за продолжување на прекинот се известува казненопоправната установа каде што осуденото лице ја издржува казната затвор, дека осудениот се наоѓа на болничко лекување во здравствена установа и за лицето да се обезбеди надзор од припадник на затворската полиција.
Од штипскиот суд тогаш објаснуваа дека тие го контролирале неговиот прекин на затворската казна со тоа што го задолжиле секој месец да доставува медицинска документација за неговата здравствена состојба. Неговиот прекин бил постојано продолжуван вкупно 14 месеци.
На 18 октомври 2019 година требало да се јави во затворот во „Идризово“ и да продолжи со издржувањето на затворската казна, но Спасов одлучил да не се врати. Последен пат требало да достави документација во септември, но не се појавил во судот, а судот не реагирал.
Затворот го известил штипскиот суд дека Спасов не се вратил во затвор дури на 18 ноември и судот потоа издаде наредба за негово приведување. Но, полицијата не го најде во неговиот дом, ниту во градот, па судот даде согласност да се издаде централна, а потоа и меѓународна потерница до Министерството за внатрешни работи.
Фросина Факова-Серафиновиќ