Министерството за правда дало негативно мислење за помилување на водачот на „Барон“ – Филков обвинува за подметнување „кукавичко јајце“

by Fokus

Министерството за правда дало негативно мислење за помилување на водачот на криминалната група „Барон“, Акиф Равманоски познат како Акиф Јусуфи, дознава „Фокус“ од свои извори. Всушност Правда во последните две години има давано само негативни мислења за помилување на осуденици.

Комисијата при Министерството за правда е таа која дава мислење пред да одлучува Комисијата за помилување на претседателот и пред претседателот да ги потпише помилувањата.

По реакциите на јавноста  откако претседателката Гордана Сиљановска Давкова го помилува Акиф, полицијата утрово го приведе само што излезе од „Идризово“ за пукањето што се случи пред десетина дена во Чаир.

За овој случај Министерството за внатрешни работи  поднесе кривични пријави, а Акиф беше еден од осомничените дека пукал кон член од групата Грчец.

Денеска со реакција во јавноста излезе и министерот за правда, Игор Филков кој откри дека мислењето од Министерството за правда било испратено уште во предизборниот период и со оглед на овој факт, Филков обвинува за злоупотреба на процесот на помилување за политичка битка.

Тоа значи дека мислењето од правда било испратено уште додека министер бил, Кренар Лога, кој сега е во опозициската ДУИ.

Сепак мислењето кое било испратено било негативно, без оглед што било испратено во негово време.

Во изјава за „Фокус“ Филков вели дека опозицијата подметнала „кукавичко јајце“ во процесот на помилување.

-Имајќи ја предвид процедурата за помилување, но и временската рамка кога е испратено мислењето од Министерството за правда, во време на предизборие, се добива впечатокот дека овој процес е злоупотребен. Воедно, и отворањето на детали од процедурата од опозицијата посочуваат токму на подметнување на кукавичко јајце во овој процес. Помилувањето е дел од системот за рехабилитација и ресоцијализација. Комисијата за помилување пред себе мора да ги има фактите за делото врз кое е донесена осудителната одлука како и пропратните документи без да биде наведено име, и одлуката би требало да ја носи професионално и со личниот и професионалниот кредибилитет, без надворешно мешање, вели Филков.

Иако мислењето од Правда било испратено уште пролетта во предизборниот период, сепак Комисијата за помилување кај претседателката одлучи деновиве, поточно на 21 октомври, па помилувањата беа дадени по повод Денот на македонската револуционерна борба.

Во меѓу периодот додека беше донесена одлуката и потпишана од претседателката, Акиф Равманоски беше излезен од затворот „Идризово“ на работен ангажман и рани едно лице во Чаир.

Во затвор бил за нелегално поседување на оружје, а сега за него се бара притвор за пукањето во Чаир, иако со помилувањето требаше да излезе на условна слобода.

Ф.Ф.С.

 

Поврзани новости