Министерот за правда Бојан Маричиќ е оптимист дека Собранието ќе ја избере Добрила Кацарска за судија на Уставниот суд, бидејќи предлогот помина со мнозински гласови во Комисијата за избори и именувања.
– Со оглед на тоа дека предлогот судијката Добрила Кацарска да биде судија на Уставниот суд помина со мнозински гласови во Комисијата за избори и именувања, јас можам да кажам дека сум оптимист дека би требало да биде изгласана и во Собранието затоа што обично одлуката во Комисијата за избор и именувања е некој индикатор за тоа какво е расположението во Собранието, рече министерот Маричиќ одговарајќи на новинарско прашање.
Тој рече дека не треба да се заборави дека Кацарска е предлог на Судскиот совет од редот на судиите и тоа има една посебна тежина.
– Мислам дека тоа треба и Собранието да го процени, да го оцени и да го цени и верувам дека ќе биде така, рече Маричиќ.