Пратениците „против“ кандидатите за уставни судии да се претставуваат пред Комисија

by fokus

Комисијата за избори и именувања денеска после повеќе од еден час работа не ја започна расправа за предложени девет кандидати за уставните судии. Пратениците дебатираа за предлогот на ВМРО-ДПМНЕ да има поединечно претставување на кандидатите пред пратениците, што беше надлагласан. На барање на заменик-координаторката на опозициската партија гласањето се повтори и беше поименично.

Пратениците треба да ги разгледаат биографиите на републичкиот јавен обвинител Љубомир Јовески, граѓанскиот судија во Апелациониот суд во Скопје Фатмир Скендер и Тања Васиќ Бозаџиева која работи во Министерството за правда како државен советник за граѓанско законодавство, предложени од владејачките партии, и на универзитетските професори Саво Климовски и Родна Живковска, судијата во пензија Бранко Секуловски, обвинителот Тодор Витларов, судијката од Управниот суд Весна Јовановска и Војислав Димовски, јавен обвинител од Основното јавно обвинителство во Охрид, предложени од ВМРО-ДПМНЕ.

Членовите на Комисија не го прифатија предлогот на пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Антонио Милошоски кандидатите да имаат свое дваесетминутно лично претставување пред нив, како и да одговорат на неколку прашања на народните избраници пред гласањето.

Образложението на Милошоски беше дека тоа го бара за има поголема транспаретност и да знаат граѓаните и пратениците кои ќе бидат новите уставни судии.

-Личното претставување на кандидатите ќе биде од корист за сите и ќе тежи повеќе отколку сувопарните биографии, смета Милошоски.

Пратеникот вели дека не се работи за обврска од Деловникот туку за добра политичка волја.

Претседателката на Комисијата за избори и именувања Марија Георгиевска истакна дека нема деловничка обврска да се повикуваат предложените кандидати да се претстават пред пратениците и дека досега немало таква пракса.

-Сметам дека можеме да продолжиме да расправаме за поединечните предлози кои се дадени токму од вас пратениците, рече Георгиевска.

Поврзани новости