Со мнозинство од 74 гласа „за“, 24 „против“ и ниту еден „воздржан“, пратениците на денешната пленарна седница одобрија предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за организација и работа на органите на државната управа, чиј предлагач е мандатарот за состав на нова влада, Христијан Мицкоски, да се носи по скратена постапка.
Гласањето уследи откако по вчерашното повлекување Мицкоски повторно го достави предлог-законот пред пратениците и образложи дека бил накратко повлечен од собраниската процедура поради номотехничко усогласување.
Од позиција на предлагач на законот, Мицкоски побара поддршка за усвојување на решението со кое се прави реорганизација на министерствата во име на, како што рече, огромната поддршка што коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ ја добила на изборите и во име на реформите кои се заложила дека ќе ги спроведе.
„Она што е важно да го напоменам и потенцирам е дека на овој начин после неколку децении доаѓа до реорганизација на министерствата во рамките на самата влада, реорганизација во која дел од министерствата ќе бидат нови, а агенциите кои досега постоеја, практично ќе бидат укинати. Дел од министерствата ќе бидат прегрупирани, односно пренесени дел од надлежностите од едно во друго министерство со цел да бидат спроведени реформите коишто ги има за цел новата влада, но и во исто време да одговориме на потребите на граѓаните кои на минатите избори на 8 мај го дадоа гласот за коалиција `Твоја Македонија`“ – рече Мицкоски пред пратениците.
Тој ги повика пратениците да го поддржат предлог-законот и изрази очекување дека ќе биде усвоен во најкраток можен рок согласно одредбите од собранискиот Деловник.
Пред пратениците направи краток осврт на предлогот за реорганизација на министерствата која потенцијално би се случила доколку законското решение го добие потребното двотретинско мнозинство, односно ако за него гласаат 80 од вкупниот број пратеници во Собранието.