Пратеничката група на Коалицијата „За обнова на Македонија” предводена од ВМРО-ДПМНЕ во пресрет на одржувањето на лидерската средба го реафирмираше ставот за неотварање на Уставот на Македонија, а со цел уставни измени.
„Уставните измени кои ги прифаќа македонската влада предводена од СДСМ и ДУИ се производ на диктат и под услови кои не се прифатливи за македонските граѓани“ велат оттаму.
„Апелираме до Владата и парламентарните групи на власта да престанат со сервилности и погазувањето на државните и национални интереси потсетувајќи дека Собранието во овој состав нема легитимитет за носење на таква одлука против која е огромното мнозинство македонски граѓани. Собранието не треба да се доведе во позиција за исполнување на поединечни бизнис и политички интереси на елити од власта туку да служи на суверенот – граѓаните“ стои во соопштението од пратеничката група на опозициската партија и нејзините коалициски партнери.
„Пратеничката група на Коалицијата „За обнова на Македонија” предводена од ВМРО-ДПМНЕ со овој став упатува раководството на партијата, сите политички претставници на Коалицијата „За обнова на Македонија“ и претседателот на партијата проф. д-р Христијан Мицкоски на претстојната лидерска средба да ги реафирмира ставовите за неприфаќање на уставните измени и да се почитуваат интересите на граѓаните. Македонските граѓани отсекогаш силно ја поддржувале и ќе продолжат да ја поддржуваат европската интеграција на државата, но тоа не треба да прерасне во понижувачки процес за прифаќање на диктати туку процес за прифаќање и почитување на вредности“ велат пратениците.