Пратеничката група на ВМРО – ДПМНЕ поднесе 397 амандмани на Предлог Буџетот на Република Македонија за 2021 година, коишто, според пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Бојан Стојановски, се однесуваат на најголемите проблеми и предизвици со кои се соочува државата во изминатиот период.
-Имено, поднесовме амандмани кои се однесуваат на здравствената криза предизвикана од Ковид 19 за која сме рекордери во црните статистики и негативен пример, како во Европа, така и пошироко. Поднесовме амандмани за бесплатни ПЦР тестови за сите граѓани, како и дополнителни мерки и помош за здравствените работници, но и за градежни зафати за изградба на нови и реновирање на веќе постоечки инфективни одделенија ширум болниците во Република Македонија. Исто така, поднесовме амандмани за обезбедување на средства за помош на другите сектори кои се погодени од оваа криза. Бараме да се обезбедат средства за набавка на компјутери за сите ученици од основното и средното образование кои не можат да ја следат наставата, како и компјутери за сите наставници и професори во основните и средните училишта, изјави денеска Стојановски во Собранието, каде од вчера во Комисијата за финансирање и буџет се расправа за Предлог-буџетот.
Поднеле амандмани, како што дополни, кои се однесуваат на заштитата на животната средина односно амандмани кои што мислиме дека доколку се прифатат ќе дадат голем резултат во решавањето на најгорливиот и повеќедеценискиот проблем во зимските денови односно за намалување на загадувањето на воздухот во Македонија.