Парламентарното мнозинство одлучи дека нема да оди на одмор се додека не биде разрешен јавниот обвинител Марко Зврлевски, изјави денес потпретседателот на СДСМ Благој Бочварски.
“Нема да го користиме оној одмор којшто ни е со деловник со, закон, загарантиран, се додека не дојде до промена на јавниот обвинител Зврлевски и се додека не се почне постапка за избор на нов јавен обвинител. Право на спикерот, на претседателот на Собранието е кога ќе ја закаже седницата, наш интерес е тоа да се случи час поскоро, бидејќи од таму ќе почне демократизацијата на институциите и на судскиот систем”, вели Бочварски.
Претседателот на Собранието Талат Џафери најави дека изборите ќе ги распише на 6 август, а на 8 август Собранието треба да замине на колективен одмор.
Процедурата за разрешивање на Зврлевски започна во Влада уште пред еден месец откако Владата побара негово разрешување поради незаконито, ненавремено и нестручно вршење на функцијата.