Пратениците на Европскиот фронт ја напуштија 12-тата седница на Собранието на која треба да се расправа за ребалансот на Буџетот.
Тие се незадоволни од симнувањето на Предлог законот за изменување и дополнување на Законот за игрите на среќа и за забавните игри, во прво читање од дневниот ред.
Како што истакна Блерим Беџети од Европскиот фронт додека не одлучи матичната Комисија околу законот тие ќе ја напуштат седницата во знак на протест.
Пратеникот Талат Џафери праша по кој деловник работи Собранието и додаде дека нема такво нешто во Деловникот што го усвои претходниот собраниски состав пред крајот на мандатот.
Обвини за флагрантно кршење на постапката и за мајоризација на работата на Собранието. Рече дека никогаш досега немало симнување на точка од дневниот ред поднесена од опозицијата по редовна постапка на барање на пратеник од владејачкото мнозинство.
– Не смеете да ја прекинете постапката кога е таа започната, рече Џафери.
Илире Даути од Европскиот фронт, пак, обвини за воспоставување политичка диктатура во земјава и за одземање на правото за разгледување на закон поднесен по редовна постапка.