Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ на почетокот на продолжението на 5-тата седница побараа информација од претседателот на Собранието Талат Џафери кој синоќа го потпишал Извештајот од амандманската расправа за ребалансот на Буџетот на Комисијата за финансирање и буџет бидејќи тоа не го сторила претседателката Лилјана Кузмановска, како што е пропишано со Деловникот.
Илија Димовски од ВМРО-ДПМНЕ рече дека овој Извештај не е потпишан од претседателката на Комисијата за финансирање и буџет туку по нечија иницијатива е потпишан од други пратеници, што е спротивно на Деловникот за работа на Собранието.
За информацијата да биде доставена до нив Димовски побара еден час пауза.
Претседателот на Собранието Талат Џафери го прифати барањето за пауза, но потенцираше дека ребалансот на Буџетот не е на дневен ред на оваа седница и оти пратениците на ВМРО-ДПМНЕ бараната информација ќе ја добијат кога ќе се расправа по оваа точка.
„Извештај за тоа прашање нема да добиете затоа што не е на дневен ред. Во редовна процедура ќе го добиете сиот материјал. Точно е дека во членот што го цитиравте токму така пишува, но во ситуација кога претседател на Комисија ќе одбие да потпише Извештај е работа за која што во Собранието се дадени надлежности“, рече Џафери.