410
Катица Јанева нема да добие поддршка од власта за трите барања кои ги испорача од собраниската говорница. Продолжувањето на рокот за истрагите, измените на законот за заштитени сведоци и законот за заштита на приватноста, ќе го чекаат новиот собраниски состав после изборите. Лидерот на ВМРО- ДПМНЕ одговарајќи на новинарско прашање, дипломатски и порача на специјалната обвинителка дека неговите пратеници нема да дадат поддршка на барањата.
-Обезбедивме се што беше потребно, буџет, средства, вработувања, простории, логистика и се она што и беше потребно. Се сменија потребните закони заедно услогласени со опозицијата и не сметаме дека има потреба од негово проширување, надградување или нов договор, изјави Никола Груевски, пренесе 24 вести.
Јанева во четвртокот лично и ги достави предлог -измените на пратеничката од власта Светлана Јакимовска, да ги поднесе и да се донесат измените за да може СЈО да ги расветли Монструм, Мартин Нешковски и Сопот.
Во меѓувреме специјалната обвинителка го чека Груевски за и лично да се соочи со него, во судница како нејзин единствен сведок во случајот Пуч. Поранешниот премиер најави дека ќе дојде на судењето, но единствено доколку судот го покани .
-Ако добијам од судот покана, секако дека ќе се појавам, изјави Груевски.
Јанева од Собранието упати уште еден апел да го презакаже судењето за Пуч за следната недела, наместо наредниот месец и што побрзо да се расветли кој и на кој начин прислушувал. Од утре повторно продолжува маратонската комисиска расправа во Собранието каде специјалната обвинителка ќе продолжи да одговора на пратеничките прашања.