Пратениците на ДПМНЕ со писмо до Заев, бараат увид во нацрт договорот со Бугарија

by Fokus

Пратенците Илија Димовски, Антонијо Милошоски, Никола Попоски, Емил Димитриев, Трајко Вељаноски и Влатко Ѓорчев денеска со писмо до премиерот Зоран Заев и до Никола Димитров, министер за надворешни работи реагираат на информациите, како што велат, објавени во медиумите во соседството дека бугарските пратеници имале можност за увид во нацрт договорот помеѓу Република Македонија и Република Бугарија.

– Во име на граѓаните и во име јавноста уште еднаш дополнително да побараме од Владата на Република Македонија, од премиерот Заев и од министерот за надворешни работи Димитров да направат можност и пратениците во македонското Собрание во име на граѓаните да имаат увид во овој нацрт усогласен договор со цел да се избегне било каков сомнеж за содржината и за целите на тој договор – рече пратеникот Илија Димовски.

Во продолжение Ви го пренесуваме писмото од опозициските пратеници до премиерот Заев и до министерот Димитров:

„Во македонската јавност пристигнуваат информации од бугарските медиуми за наводни елементи на текст кој бил прифатен од Македонската Влада во однос на содржината на билатерален Договор помеѓу двете земји.Во рамки на официјалната комуникација од македонски владини институции, срамежливо се потврдува дека текстот на Договорот е усогласен. Во јавноста се остава впечаток дека се прифаќа текст кој Владата посакува да го формализира надвор од очите на јавноста. Ваквата нетранспаретност е извор на загриженост.

Собранието на Република Македонија, согласно уставот и законот за Надворешни работи има носечка улога во водење на надворешната политика. Оттука, цениме дека загриженоста може да биде надмината преку споделување на нацрт текстот или на усоглаесниот текст на договорот, со пратениците во Собранието на Република Македонија, како претставници на граѓаните. Тоа би било и во духот на ветувањата за транспарентност во работењето од страна на Претседателот на Владата на Р. Македонија г-дин Зоран Заев, како и на Вашите изјави дадени пред Комисијата за Надворешна политика дека текстот на договорот ќе биде споделен со пратениците во Собранието на Република Македонија, чија вклученост и поддршка самите ја побаравте.

Конечно, дали Владата на Република Макдеонија се’ уште стои на тоа дека ќе работи заедно со опозицијата за прашања од национален интерес и гарантира транспарентност или веќе во првата прилика ги газите принципите што ги најавивте, а од опозицијата очекувате да ви поддржи ваши договори без да може да учествува во процесот?

Ве поздравуваме, во очекување на текстот од Договорот и најскора заедничка дискусија во Собранието на Република Македонија околу националните позиции на оваа тема.“, се вели во писмото од пратеници на ВМРО – ДПМНЕ.

Поврзани новости