Со 84 гласа „за“, денеска пратениците на 84-тата седница го донесоа Законот за изменување и дополнување на Законот за градење, по скратена постапка.
Со овој предлог закон се предвидува посебна постапка за поставување на фотонапонски електроцентрали на објекти, без издавање на решение за поставување, од страна на потрошувачи-производители кои произведената електрична енергија ја користат за сопствена потрошувачка, а вишокот на произведената енергија го предаваат во електродистрибутивна мрежа.
Со Законот за градење, фотонапонски панели за производство на електрична енергија со максимален инсталиран капацитет до 1 МW можат да се постават на објект по добиено решение за поставување согласно членот 74 од Законот.
Со измените на Законот за градење, ќе се избрише одредбата со која општината издава решение за поставување на фотонапонски системи на кров за потрошувачите-производители.
По изгласување на Законот, спикерот Талат Џафери ја прекина седницата, посочувајќи дека за следните точки уште не се завршени постапките, односно соодветните Комисии не ги разгледале точките, и затоа нема услови да се продолжи оваа седница.
За нејзино продолжување, како што рече Џафери, дополнително јавноста дополнително ќе биде информирана.