Со 90 гласа „за“, без ниту еден „воздржан“ или „против“ Собранието денеска ги изгласа измените на Законот за минимална плата, кои треба да овозможат нејзино покачување на 18 илјади денари.
И на денешното, како и на претходните продолженија на расправата за Предлог измените на Законот за минимална плата, можеа да се слушнат различни мислења од пратениците од партиите на власт и од опозиција.
За пратениците од владејачкото мнозинство со ова законско решение ќе се подобри животниот стандард на околу 80 000 работници кои земаат минимална плата, а како што оценија, добро е и тоа што е променета методологијата за годишното усогласување и што минималната плата нема да може да биде пониска од 57 проценти од просечната плата.
Пратениците од опозицијата, пак, изразија жалење што не е прифатен нивниот амандман за скалесто зголемување на сите останати плати бидејќи инфлацијата, како што рекоа, влијае на животниот стандард на сите работници. Според нив, доколку се зголеми само минималната плата, а не и останатите плати, тогаш ќе дојде до урамниловка.
Предлог-измените на Законот за минимална плата беа доставени до Собранието откако по неколкудневни преговори на Економско-социјалниот совет на 7 февруари беше постигнат договор минималната плата да се зголеми на 18.000 денари со мартовската исплата во април. Зголемувањето на минималната плата ќе биде помогнато и од страна на државата која од Буџетот ќе одвои 16 милиони евра за плаќање на разликата во придонесите до крајот на годината.