Пратениците и денеска во ист стил, вувузели за власта, тишина за опозицијата

by Fokus

Во закажаното време 11 часот, започна продолжението на седницата во Собранието на Македонија која беше одложена за денеска, на која се расправа за преговарачката рамка врз база на францускиот предлог.

За збор денеска се пријавени 42 пратеници, а вчера своето право на дискусија го искористија петмина пратеници од опозициската ВМРО-ДПМНЕ, на чии дискусии имаше реплики од владејачката коалиција.

Седницата започна со пратеничката Марија Петрушевска  која остро ја нападна Владата и запраша – каде ќе им оди душата поради обидите за бугаризација на Македонија.

На крајот таа го искина документот базиран на францускиот предлог.

За реплика се јави пратенчката од СДСМ Ели Рамбабова. Нејзиниот говор беше надгласан од бројните вувузели и свирчиња во устите на опозицискиот македонски блок.

Дискусиите продолжуваат исто како и вчера, тишина кога дискутираат пратениците од ВМРО-ДПМНЕ и вувузели и свирчињата за време на репликите на пратениците од владејачката коалиција.

Инаку, во Собранието вчера започна дебатата по Информацијата за содржината на Предлог-преговарачката рамка за старт на пристапните преговори на земјава со Европската Унија, со обраќање на премиерот Димитар Ковачевски, кој порача дека овој европски предлог за деблокирање на нашиот евроинтеграциски процес и за старт на преговорите на земјава со ЕУ на вистински начин ги отсликува нашите дефинирани позиции.

Претходно, во обраќање пред пратениците, пак, претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен истакна дека со прифаќање на предлогот земјава ќе направи уште еден чекор кон ЕУ и дека сега е моментот да продолжиме напред „кон нашата заедничка иднина во ЕУ со Северна Македонија како полноправна членка“.

По обраќањето на Фон дер Лајен, на прес-конференција лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски изјави дека партијата има три дилеми од нејзиниот говор. Според него, првата дилема е дали преговорите ќе почнат веднаш со одржување меѓувладината конференција или по промена на Уставот.

– Втора дилема е прашањето за историјата. Се спомна дека нема да зборуваме за историјата, но тоа не го говори членот 14 од истиот документ. Според член 14, ќе зборуваме за се, само не за иднината. Ќе зборуваме за проблеми од минатото односно како во 21 век да се асимилира македонскиот јазик и да се уништи македонскиот идентитет, рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.

Трета дилема, според него, е во однос на членот 3 во воведната изјава каде стои дека Преговарачката рамка ќе биде преведена на македонски јазик, но бугарската стана ќе даде еднострана изјава како таа го гледа македонскиот јазик. – Во членот 3 јасно стои дека ќе имаме унилатерална изјава од нашиот источен сосед дека македонскиот јазик е најверојатно некоја верзија на бугарскиот јазик, рече Мицкоски.

Поврзани новости