Тензична расправа денеска во собраниската Комисија за труд и социјална политика за Законот за работни односи чии измени предвидуваат зголемување на работната недела од 40 на 60 часа за потребите на конзорциумот „Бехтел и Енка“ кој треба да ги изгради коридор 8 и коридор 10д. Пратениците од опозицијата побараа да имаат увид во договорот што Владата го потпиша со конзорциумот.
-Оваа власт свесно нанесува штета на државата и ги оштетува сите даночни обврзници, ако сакаме да бидеме сериозни и да носиме закони мора да го имаме тој договор тука во Собранието. Ако сметаат дека е таен, ќе ги покажеме нашите безбедносни сертификати и ќе дискутираме на затворена седница. Не може штетни пенали да плаќа држава, некој да собира провизии, а работниците да го плаќаат тоа со својот труд – рече Антонио Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ.
Како што објавија вчера од ВМРО-ДПМНЕ, „Бехтел и Енка“ наводно си обезбедиле пенали од 53 милиони евра доколку не бидат донесени овие измени во Законот.
Пратениците од опозицијата бараа претседателот на Комисијата, Елмир Азири, да се повлече, бидејќи со оваа комисија секогаш претседава опозицијата, а Алијанса се сега дел од власт, но тој одби.
Расправата траеше три часа во процедурални забелешки, без суштинска дебата за законските измени. Измените предвидуваат освен 60 часа работа во седмицата, и работа во недела, без прецизирано право на надоместок.
Левица најави дека ќе поднесе 1.111 амандмани за овие законски измени. Три поднесоа од ВМРО-Народна, кои иако се дел од владејачкото мнозинство, се против законските измени.