Попладнево пратениците ги изгласаа измените на Законот за азиланти, со 69 гласа „За“ и ниту еден против. Според информации на невладината „Легис“, за примена на Законот треба да се чека седум дена, меѓутоа во пракса веќе им се дадени интрукции на полицајците и скоро сите мигранти кои денеска транзитираат низ земјава се качуваат во возовите. Дневно низ Македонија, според министерот за внатрешни работи, Митко Чавков, минуваат над 2.500 мигранти.
Новите измени предвидуваат мигрантите кои ќе ја поминат границата за 72 часа или да ја напуштат Македонија или да побараат азил од првиот полицаец што што ќе го сретнат, а за време на нивниот престој ќе имаат право да користат јавен превоз.
Од Министерството за здравство денеска информираа дека донесена е одлука да се вакицинираат сите мигранти кои ќе престојуваат во Македонија, а комисијата за заразни болести подготвува план за имунизација.
Од почетокот на годинава, досега, околу 30 мигранти, главно од Сирија и Авганистан, ги загубија животите во несреќи на македонските пруги.
Медиумите, невладините организации и Народниот правобранител, алармираа за условите во Центарот за странци во Гази Баба, во кој престојуваат околу 500 мигранти, а има капацитет од 100 до 120.