Пратениците денеска во Собраниеето треба да одржат четири седници, меѓу кои ќе расправаат и за Предлогот за избор на судија на Уставниот суд на Република Северна Македонија, како и други точки, меѓу кои, Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за игрите на среќа и за забавните игри во прво читање.
Предлогот за уставен судија е Елизабета Дуковска која сега е судијка во Апелациониот суд.
На дневен ред на 91-та седница се Предлог-законот за ратификација на Договорот за соработка меѓу земјите од Западен Балкан од областа на меѓусебното признавање на дипломи и научни степени издадени од високообразовни институции и други овластени институции, како и Предлог-законот за ратификација на Договорот за соработка во заштита од катастрофи во Западен Балкан.
Пратениците треба да расправаат и за извештајот на Европската комисија за Република Северна Македонија за 2022 година и интерпелација за работата на претседателката на Комисијата за прашања на изборите и именувањата Марија Георгиевска.