Пратениците дебатираа за заемот за воведување брз автобуски превоз во Скопје

by fokus

Собранието попладнево во рамки на продолжението на 25. седница ја започна расправата по Предлог на закон за задолжување на Република Северна Македонија со заем кај Европската банка за обнова и развој по Договорот за заем за финансирање на проектот „Воведување на брз автобуски превоз во Град Скопје“, по скратена постапка.

Точката на дневен ред предизвика дебата на повеќемина пратеници и од власта и од опозицијата, кои зборуваа не само за Договорот за заем туку и за проекти на поранешниот градоначалник на Скопје, но и за работата на актуелниот градоначалник Петре Шилегов, во контекст на претстојните есенски локални избори.

Пратениците од опозициската ВМРО-ДПМНЕ сметаа дека со ова задолжување од 70 милини евра ќе се финансира нереален проект, што треба да биде завршен во 2027 година и започнува со заем неколку месеци пред одржувањето на локалните избори. Овој заем 30 години ќе го плаќаат граѓаните на целата земја. Проектот, како што рекоа тие, е изборно ветување на актуелниот градоначалник на Скопје Петре Шилегов, кој за пратеничката на ВМРО-ДПМНЕ Дафина Стојановска е најнеспобниот прв човек не само на Скопје туку и на другите градови и рурални општини.

Стојановска ја критикуваше работата на Шилегов потенцирајќи дека не реализирал ништо од она што го ветил нарекувајќи го „кловн градоначалник“. Според неа, Шилегов се појавил на дебатата за реформи во основното образование, а не собрал храброст да дојде и да го брани овој проект.

Таа и нејзините колеги од опозициската партија обвинија дека градоначалниците на СДСМ немаат никакви резултати и затоа сега бараат нови задолжувања. За Стојановска, споредба меѓу поранешниот градоначалник на Скопје од ВМРО-ДПМНЕ Коце Трајановски и сегашниот Шилегов нема, односно тоа, како што кажа е, како штурецот и мравката.

Потпретседателот на Собранието Горан Мисовски реагираше на говорот на Стојановска посочувајќи дека им се извинува на граѓаните поради нејзиниот вокабулар.

Реакција имаше и од страна на координаторот на пратеничката група на СДСМ Јован Митревски кој кажа дека Стојановска изнела лични навреди за градоначалникот на Скопје, кој не е присутен на седницата, како и дека зборувала за работи надвор од точката на дневен ред.  Побара стенограм од седницата, и побара извинување од неа.

Поврзани новости