Пратеници од опозициската ВМРО-ДПМНЕ доставиле писмо до Европскиот парламент во кое ја обвинуваат власта оти го злоупотребува европското знаменце кое се најде на петте предложени законски измени поврзани со спроведувањето на договорот со „Бехтел и Енка“, односно со изградбата на коридорите 8 и 10-д.
-Употребата на знамето на ЕУ на предлог-законите поврзани со договорот со ‘Бехтел и Енка’ има за цел да ја скрати парламентарната расправа. Ваквото однесување се состои и во непочитување на мандатот на пратениците, но и дерогирање на угледот на ЕУ во македонското општество, се вели во писмото што опозициските членови на Комисијата за надворешна политика во македонското Собрание го испратиле до Европскиот парламент.
Пратениците, сепак, изразуваат и поддршка за реакцијата на Делегацијата на ЕУ во Скопје во врска со злоупотребата на процедурата за знамето на ЕУ од страна на Владата.
Во дописот, опозициските пратеници наведуваат дека потпишувањето на договорот со американско-турскиот конзорциум „Бехтел и Енка“ без јавна понуда создал веродостојни сомнежи за високо ниво на корупција кај некои членови од власта. Дополнително, се додава дека, иако пратениците од опозициските партии повеќепати побарале увид во договорот, тој, сепак, и натаму останува таен.
Се наведува дека дописот се доставува и до претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји, известувачот за Северна Македонија во Европскиот парламент, Илхан Ќучук и амбасадорот на ЕУ во земјава, Дејвид Гир.