Назначениот заменик директор на Агенцијата за заштита на правото на слободен пристап до информации од јавен карактер (АЗПСП) не ги исполнувал условите од конкурсот за заменик-директор, а сепак е избран од Собранието на Северна Македонија, откако неговиот избор поминал низ собраниската Комисија за прашања на избори и именувања, информираа членовите на Државната комисија за спречување на корупција.
Станува збор за заменик-директорот на Агенцијата Блерим Исеини кој до ДКСК лично доставил документ дека завршил Факултет за новинарство во Тирана и покрај тоа што според Законот во кој се наведени критериумите за оваа фуникција неопходна е диплома за завршени правни науки.
-Од страна на Агенцијата е доставено одговор дека се доставуваат сите документи кои се наоѓаат во персоналното досие на заменик-директорот, во кои не се наоѓа доказ за завршено високо образование. Во дописот се наведува дека имајќи во предвид дека заменикот на директорот на Агенцијата го именува и разрешува Собранието на Република Северна Македонија по предлог на Комисијата за прашања по изборите и именувањата, како и фактот дека освен доставените документи во досието на именуваниот нема други докази за исполнување н законски предвидени услови, согласно член 32 став 3 од Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер, се предлага бараните докази да се обезбедат лично од именуваниот функционер или од Собранието.
Се обративме и до Собранието кое не извести дека документите се вратени. Се обративме и до функционерот лично, кој донесе документи – нострифицирана диплома од Министерството за образование и наука, меѓутоа дипломата се однесува на завршен факултет за новинарство во Тирана. Со тоа, не е исполнет условот од членот 32 од Законот кој што бара кандидатот да има високо образование со стекнато најмалку 300 кредити според ЕКТС или 7/1 степен на образование од областа на правните науки, нагласи претседателката на ДКСК Билјана Ивановска образложувајќи го предметот.
Членовите на ДКСК на седницата разговараа да поведат иницијатива за негово разрешување од заменичката функција во Агенцијата, но во натамошната дискусија тие се сложија да побараат дополнително одговорност и од пратениците – членови на собраниската Комисија за избори и именувања кои спротивно на законот гласале за неговиот избор.
-Случајот не ги опфаќа кривците кои се одговорни за ова. Тоа е Собранието. Мора да се опфати за одговорноста и таа Комисија која го поминала тој човек. Треба да се разреши, а тие кои се причина вака ќе поминуваат неказнети. Ова не е само политичко влијание, туку е криминал. Мора да се знае кој го прекршил законот и гласал во име на политиката, рече членот на Комисијата, Нури Бајрами.