Неколкумина пратеници во Собранието на службените имејл-адреси пред три дена, поточно на 23 јули, добиле порака со заканувачка содржина, информира попладнево Министерството за внатрешни работи. Случајот, како што пишува во билтенот на МВР, го пријавил „претставник на една политичка партија”.
„На 25.7.2024 година во 13:58 часот во полициската станица Центар, претставник на една политичка партија пријавил дека на 23.7.2024 година во 18:15 часот, од непозната електронска адреса, на службените електронски адреси на неколку пратеници во Собранието на РСМ, била испратена порака со заканувачка содржина“, информираат од МВР.
Според информации на „360 степени“, заканувачките пораки биле испратени до пратеници на ДУИ, дента кога во Собранието на дневен ред беше предлогот за именување на заменик-министри во Владата. Координаторот на пратеничката група на „Европски фронт”, Блерим Беџети, го потврдил случајот, но не сакаше да открие повеќе детали.