Пратеникот Зибери гласаше од посебна просторија, тој тврди дека не е заразен со Ковид-19

by fokus

Пратеникот од ДУИ, Арбен Зибери, вечерва гласаше од посебна просторија во Собранието, дознава „Фокус“ од свои извори.

Претседателот Талат Џафери, пред гласањето за новата влада, појасни дека еден од пратениците е изолиран и ќе гласа од посебна просторија.

-Една информација, според протколот за гласање, еден од пратениците од мнозинството ќе гласа од посебен простор во кабина на горниот кат, пратеникот е внатре според протоколот за заштита од ширење на ковид-19 и нема потреба од паника. Повторувам, преземени се сите мерки и нема простор за паника“, појасни Џафери пред гласањето за новата влада.

Џафери не го откри името на пратеникот, но „Фокус“ откако дозна дека станува збор за Зибери го побара. Тој во телефонскиот разговор негираше дека е позитивен на Ковид-19.

Премиерот Зоран Заев, вечерва на новинарско прашање, дали пратеникот го прекршил протоколот со тоа што излегол од изолација, истакна дека според неговите информации пратеникот се уште не добил резултати од тестирањето,  а бил изолиран бидејќи не се чуствувал добро.

„Јас не бев информиран за овој случај, сега дознав дека пратеникот чека резултати од тестирање, а не се чувствувал добро. Затоа за да се заштити, беше спроведен во посебна просторија да гласа“, одговори Заев и посака да биде во добро здравје, и да има негативен тест на Ковид-19.

Зибери до неодамна беше директор на Центарот за јавно здравје, но министерот Венко Филипче го разреши поради политички мотивирана изјава.

Поврзани новости