Пратеникот Ристески со порака: Никој нема да ме уплаши

by Fokus

Очигледно е дека се работи за некоја спрега на криминал и политика и очигледно е дека јас како пратеник во Собранието на Република Македонија, моите ставови, моите активности му пречат. Нема никој ниту да ме поколеба, ниту да ме уплаши во она што сум го зацртал, во моментот гледате се зборува за отворање на Уставот, кажав јасно и гласно и тогаш и по цена на мојот живот нема да го сменувам мојот став, сега уште помалку, истакна Петар Ристески, пратеник од ВМРО-ДПМНЕ во изјава за медиумите.

Ристески вели дека немал досега никакви закани од никого, ниту пак со некого бил замерен. Смета дека на некого му пречи неговата политичка активност, а особено во оваа ситуација и го повика министерот за внатрешни Оливер Спасовски и премиерот Димитар Ковачевски итно да реагирале и да бил пронајден сторителот.

Од ВМРО-ДПМНЕ Прилеп рекоа дека вакви чекори на заплашување и вандализам се правеле токму поради тоа што требало да отвора Уставот како дел од „Францускиот предлог“.

-Веќе видени и познати методи на некакво заплашување кога СДСМ е на централна власт. Прашуваме, дали можеби ова се методите и јаловите обиди во трката за обезбедување на 2/3 мнозинство за смена на Уставот. На ваков ли начин власта ја разбира демократијата кога секојдневно на удар се неистомислениците, само затоа што имаат подруго мислење, вели Дејан Проданоски, претседател на ОК ВМРО-ДПМНЕ Прилеп.

Од СДСМ го осудија овој чин и ги повикаа МВР и сите надлежни институции ги во најбрз можем рок целосно да го расчистат случајот и да ги пронајдат и санкционираат сторителите.

Од МВР само кусо соопштија дека бил извршен увид и дека се преземале мерки за расчистување на случајот. Од ОЈО Прилеп пак велат дека биле подигнати траги од лице место кои ќе се вештачат со цел да се утврдат причините за инцидентот, а била издадена и наредба за обезбедување на евентуални снимки од видео надзорот на околните објекти во критичниот момент на пожарот.

Утринава околу 1.30 часот се запали автомобилот „Шкода кодиак“ на прилепскиот пратеник пред неговиот дом на улицата „Цар Самоил“. Итно реагирала ТППЕ Прилеп со тројца пожарникари и едно возило.

Автмобилот бил веднаш изгаснат и спречена е трагедија огнот да се прошири и на куќата, порради тоа што големите пламени јазици го зафатиле и блиското дрво, а зафатено од пожарот било оштетено и другото возило на Ристески марка „Пежо“.

 

Поврзани новости