Пратеникот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Бране Петрушевски е осуден за навреда и клевета односно нанесување душевна болка на пратеникот Дарко Костовски од СДСМ, објави на својот фејсбук профил, Петрушевски.
Како што напиша Петрушевски, за првпат во историјата на плурализмот во Македонија, пратеник е осуден за став искажан од собраниската говорница иако пратениците имаат имунитет и не одговараат за искажаното на говорница.
-Ова власт повеќе не е диктатура, туку комплетно премина во тиранија. Токму за да се оневозможат ваквите притисоци врз опозицијата, Уставот и законот предвидуваат имунитет на пратениците за ставови искажани од собраниската говорница. Но, одамна Уставот и законите на оваа држава за власта на ДУИ и СДС се само обична хартија за еднократна употреба. Јавно им кажувам, ниту ќе ме уплашат, ниту ќе ме замолчат, ниту ќе ме запрат да им ги кажувам криминалите дирекно очи. Уште помалку пак, ќе ме присилат да им ги гласам уставните измени. Напротив, само уште повеќе ме мотивираат. Нека се подготват наредниот период да преживуваат уште посериозна ‘душевна болка’, пишува во реакцијата на Петрушевски.
Според пресудата, Петрушевски го наклеветил и го навредил Костовски затоа што во говор во Собранието критикувајќи ги пратениците од власта меѓу другото кажал дека тие „џабе вадат пасоши од странски држвани, како што тоа го направил Костовски со пасош од Канада, сметајќи дека тоа ќе ги спаси од затвор“.
Судот заклучил дека, тој од говорница го обвинил Костовски дека ја вработил сопругата во МНР, дека бил фатен со пијан и дека нападнал сограѓанин и е одговарал и дека земал пари од кумановци за вработување во администрација.