Пратеникот Петрушевски обвини за политичка хајка откако Судскиот совет му ја одби претставката

by Фокус

Судскиот совет на денешната седница ја одби како неоснована претставката на пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Бране Петрушевски, која тој лани во ноември ја поднесе против судијата Неџат Мемети од Основниот суд Куманово, откако тој пресуди во корист на неговиот колега од СДСМ, Мартин Костовски, кој го тужеше Петрушевски за навреда и клевета искажана од собраниска говорница.

Членката на Судскиот совет, Лорета Георгиева, рече дека побарала изјава од судијата кој постапувал по предметот. Вели дека и во судската одлука и во изјавата на судијата се посочува дека собраниската говорница и имунитетот го штитат пратеникот од кривична одговорност, но не и од граѓанска одговорност за навреда и клевета. Во оваа насока, Георгиева вели дека е на иста линија со судијата.

-Од истите причини (судијата) смета дека не може да биде амнестиран кој било кога изнесува лаги и невистини и прави штета на угледот на личноста и пошироко. Со оглед дека се работи за пратеници, со тоа и на партијата и граѓаните кои ова лице ги претставува и врз основа на чии гласови е пратеник. Јас лично се согласувам со изјавата на судијата и сметам дека никој не може да си допушти да изнесува невистини – изјави таа. 

По одбивањето на претставката од страна на Судскиот совет, пратеникот Бране Петрушевски во објава на неговиот фејсбук-профил вели дека почетокот на годината не навестува дека овој состав на Судскиот совет е способен да си ја врши работата и да ја штити и промовира независноста, професионализмот и интегритетот на судството.

„Денес на јавна седница на Судскиот совет е отфрлена мојата претставка за нестручно и несовесно постапување на судијата Неџат Мемети од Основниот суд Куманово, кој донесе скандалозна пресуда против мене, не уважувајќи го мојот уставно загарантиран имунитет како пратеник. Дека Судскиот совет го пробива и дното, покажува изјавата на судијата известител Лорета Георгиева, која сметала дека собраниската говорница и имунитетот го штити пратеникот од кривична одговорност, но не и од граѓанска одговорност за навреда и клевета, што е базично и еклатантно непознавање на правото“, напиша тој.

Поврзани новости