Мировниот пратеник на Папата за Украина, кардиналот Матео Зупи, денес изјави дека работи на механизам кој ќе обезбеди враќање на децата кои, според тврдењата на Киев, биле насилно однесени во Русија.
„Ќе видиме како можеме да започнеме механизам за деца и помош, за што зборувавме на хуманитарниот фронт, особено за децата на кои мора да им се обезбеди враќање во Украина“, рече Зупи на презентацијата на книгата во Рим.
Тој рече дека лично разговарал за ова прашање со папата Фрањо. Италијанскиот кардинал минатата недела ја посети Москва, а претходно беше во Киев.
Неговите напори беа „со цел да се идентификуваат хуманитарни иницијативи кои би можеле да го отворат патот за мир“, соопшти Ватикан.
Зупи во неделата за италијанската радио и телевизија РАИ појасни дека не работи на „мировен план“ или посредување меѓу Украина и Русија, туку дека се фокусира на „хуманитарните аспекти“.