Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Александар Јамалов од Велес преку својот адвокат се огласи за пишувањето на „Фокус“ за непотизмот во Велес и побара од советникот на Левица во Општина Велес, Игор Смилев, да му се извини поради изјавата дадена за нашиот медиум.
„Тазе пратеникот и властодржец од ДПМНЕ , Александар Јамалов од Велес побара во рок од два дена да се извинам поради вистинитоста на фактите објавени кај вас. Јас се извинувам што доцнев со одговорот после приемот на писмото од неговиот адвокат. Но, не му се извинувам за тоа што сум кажал бидејќи левичар на квази патриот не се извинува. Те чекам со песна на суд. Одбери си ја ти песната“, му порача Смилев на Јамалов во изјава за „Фокус“.
„На ден 25 10.2024 година во неделникот „Фокус” при давање на изјава во рамки на текстот објавен под наслов „Непотизам во Велес. Сестрата на министерот за култура Зоран Љутков се вработи во Народнот музеј “, вие со намера да наштетите на честа и угледот на барателот Александар Јамалов од Велес имате изнесено невистините факти дека сопругата на пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Александар Јамалов се вработи во СВР Велес во секторот за економска криминал. Наведениот факт е невистинит од причина што сопругата на пратеникот Алекандар Јамалов од Велес е вработена во Министерството за внатрешни работи пред повеќе од 10 години.
Имајќи го во предвид горенаведеното како и фактот дека сте знаеле или сте можеле да знаете дека наведените факти се невистинити барателот Александар Јамалов од Велес со ова писмено бара во рок од 2 дена jавно да му се извините и јавно да ги повлечете изнесените невистинити факти, а истото да биде сторено на ист начин, на исто место и во ист обем како на начинот на кои биле изнесени невистините факти што се штетни за неговиот чест и углед. Доколку по наведениот рок на барателот јавно не му се извините и јавно не ги повлечете невистинитите факти ќе поведеме постапка пред надлежен орган“, стои во барањето за јавно извинување кое Смилев го објави и на социјалните мрежи.
„Да, точно е дека е вработена во МВР одамна, ама е унапредена во СВР Велес во отсек Економски криминал откако Јамалов е дојден на функцијата пратеник. “, истакна Смилев за „Фокус“.
Непотизмот во Велес, според него, добива залет и најнова вест е дека сопругата на директорот на Народниот музеј Ангел Коруновски, Маја Коруновска е назначена за директорка на основното училиште „Блаже Конески“.
Коруновски доаѓа од институцијата Народен Музеј Велес во која од неодамна е вработена сестрата на министерот за култура Зоран Љутков.
Според Смилев, за сестрата на актерот и министер Љутков немало распишан јавен оглас од страна на Народниот музеј во Велес најверојатно таа е вработена со преземање од приватна агенција за вработување.
Тој истакна дека во Велес се регистрирани уште неколку случаи на непотизам во кој актуелни пратеници, директори и советници на владејачката коалиција вработуваат свои блиски роднини.
Братот на советничката од ВМРО-ДПМНЕ во Општина Велес и вработена во ЈКП Дервен, Весна Атанасовска, Ване Маневски кој исто така работи во ЈКП Дервен, е назначен за нов директор на хидросистемот ЈП Лисиче.
Кандидатот за пратеник од ЗНАМ, адвокатот Андреј Весов не стана пратеник, но неговата сестра Ана Весова стана член на новоформираната Второстепена комисија за управни постапки и работни спорови. Во оваа комисија нов член е и Маја Бичиклиска, сопруга на поранешниот портпарол на ДПМНЕ, Александар Бичиклиски.
Орце Костов