Пратеникот Артан Груби од ДУИ за време на посетата на Вашингтон имаше средби со американскиот конгресмен Џим Бенкс и поранешниот претставник на Стејт Департментот, аналитичар и универзитетски професор Даниел Сервер. Груби учествуваше на традиционалниот Молитвен појадок заедно со лидери од 140 земји од светот, чиј домаќин беше претседателот на САД Доналд Трамп.
Од американскиот конгресмен Бенкс и неговите колеги Груби, како што се наведува во соопштението, побарал јавна поддршка и охрабрување за надминување на спорот со Грција и интеграцијата на Македонија во НАТО. Бенкс, како што стои, се заложил дека ќе се приклучи на иницијативата што Груби заедно со колегите ја поттикна во Конгресот и Сенатот.
Пратеникот Груби и Сервер размениле мислења за повеќе прашања, меѓу кои, Законот за јазиците, прашањето со името, НАТО, регионот како и стратегијата на ЕУ за Југоисточна Европа. Груби го поканил Сервер да ја посети Македонија, што најверојатно ќе се случи во април оваа година.
Груби учествуваше на 66. Национален молитвен појадок заедно со лидери од 140 земји, чиј домаќин беше претседателот на САД Трамп.
Како што се најавува во соопштението, пратеникот на ДУИ посетата на САД ќе ја продолжи во Њујорк каде ќе има работен ручек со медијаторот на ОН за спорот со името Метју Нимиц, по негова покана.