Пратеничките од редовите на опзициската ВМРО-ДПМНЕ Невенка Стаменковска и Жаклина Пешевска и група од 20-тина лица утрово дојдоа пред Кривичниот суд за да присуствуваат на рочиштето за случајот ТНТ за незаконското уривање на Космос комплекс кој се наоѓаше на територијата на општина Гази Баба.
Пешевска е пратеничката која беше осомничена во истрагата за 27 април, но потоа против неа не беше покренато обвинение.
Меѓу групата е и Александар Трајковски, советникот на ВМРО-ДПМНЕ во Општина Гази Баба, кој е обвинет во случајот Шамарите во Општина Центар.
Тие се пожалија на новинарите дека не ги пуштаат да влезат како јавност.
Од судот, пак, велат дека судската сала е веќе исполнета во која новинарските екипи се веќе присутни како јавност.
На денешното рочиште повторно не дојдоа двајца адвокати, кои бранат тројца обвинети, адвокатот Мерџан Даути и адвокатот Дончо Наков и покрај казните од 2000 евра.
Овие обвинети ќе ги бранат адвокати по службена должност кои два часа ќе вршат увид во предметот во судница.