На денешното рочиште за случајот “Титаник” продолжи сведочењето на фиктивни донатори кои се нашле на листата на донатори на ВМРО-ДПМНЕ во 2011 година, иако не дале ниту денар за партијата.
Сведокот Наталија Галева вработена во СВР Струмица, на прашање на обвинителката Лиле Стефанова одговори дека во 2011 година не донирала 60.000 денари на сметката на ВМРО-ДПМНЕ.
Галева истакна дека никогаш не дала пари за партија, а дознала дека постои уплатница со нејзиното име кога била повикана на распит во СЈО. Таа одговори и дека никогаш не дала 60.000 денари на друго лице за да во нејзино име уплати на партијата ВМРО-ДПМНЕ.
По овој сведок сведочеше и Стојанчо Арсов од Кочани, вработен во средно училиште.
И тој на прашањето дали некогаш донирал за некоја политичка партија преку банка, одговори со “НЕ”. Сведокот рече и дека на никому не дал 60.000 денари да уплати во негово име за партијата ВМРО-ДПМНЕ.
Тој рече дека во 2011 година го повикале во партискиот штаб на ВМРО-ДПМНЕ за да пополни уплатница.
-Тогашната претседателка на општински или пратеник во тој момент не ми текнува, Бети Кузмановска, ме повика во партискиот штаб, каде што бев член. Ми ја даде уплатницата и ја пополнив само од едната страна, со лични податоци, и ми рече дека ќе бидат уплатени пари кои се сообираат како членарина, рече сведокот, потенцирајќи дека тој не дал ниту денар.
На прашањето на адвокатот Петар Василев дали знае какви последици предизвикувал со неговиот потпис на уплатницата, сведокот рече дека не се посомневал дека ќе биде злоупотребена уплатницата и неговиот потпис.
Дека дал пари за партијата сведочеше сведокот Реџеп, но потенцираше дека тој издвоил 5.000 или 6.000, но никогаш не дал 60.000 денари.
-Точно е дека донирав, но тоа беше мала сума, еднаш донирав околу 5.000-6.000 денари, толку колку што имав, рече сведокот.
Тој рече дека од партијата ВМРО-ДПМНЕ, во 2011 година, му била дадена уплатница, тој ги пополнол личните податоци и ја оставил, а оставил и 5.000-6.000 денари, за кој бил сигурен дека ќе ги уплати.
Обвинителката Лиле Стефанова го праша дали некогаш бил во банка со 60.000 денари и дали ги уплатил како донација за ВМРО-ДПМНЕ, сведокот рече дека не бил. На прашањето дали му е познато дека таква уплатница постои, сведокот рече дека не му е познато.
Судењето е во тек.
Освен поранешниот премиер Никола Груевски кој е во бегство, во „Титаник“ обвинети се и Кирил Божиновски, Миле Јанакиески, Гордана Јанкулоска, Билјана Бришкоска Бошковски, Илија Димовски, Мунир Пепиќ, Едмонд Темелко, Леко Ристоски, Кирил Тодоровски, Катерина Веловска, Станко Коруновски, Коста Марковски, Драгче Драгчески, Марјан Накевски, Гоце Јаневски, Џезми Ахмет, Роберт Давитков, Далибор Алешковиќ и Ленка Рашјаковска.
Тие се осомничени за злосторничко здружување, повреда на избирачкото право, повреда на слободата на определување на избирачите, поткуп при избори и гласање, уништување изборен материјал и злоупотреба на средства за финансирање изборна кампања.
В.В.