Пратеничка од Алијанса за Албанците од Западна Македонија треба да биде 61-от пратеник во парламентарното мнозинство, брифираат високи извори владејачките СДСМ и ДУИ.
Како што велат тие, комуникацијата со пратеничката од партијата предводена од Зијадин Села е отпочната по обелоденувањето на иницијативата за ново парламентарно мнозинство.
-Добивме уверување дека оваа пратеничка нема да поддржи недоверба на владата во интерес на евроинтеграцискиот процес – изјави за Фокус висок владин функционер.
Арно ама, до гласање воопшто не дојде, бидејќи пратеникот на Беса, Кастриот Реџепи, не се појави во парламентот, поради што седницата воопшто не започна, бидејќи немаше кворум за усвојување на дневниот ред.
Реџепи за Фокус: Ми се закануваа и по живот, но не жалам за одлуката
Откако се појави во јавноста, и Реџепи тврдеше дека власта располагага со 61 пратеник, но одби да открие за кој пратеник станува збор.
-Ќе видите деновиве, не можам да кажам, но има 61. Сигурен сум. Како што не знаевте за мене дека нема да гласам за рушење на владата, така не знаете кој ќе биде 61-от, но ќе дознаете – рече Реџепи.
Таква информација деновиве јавно изнесе и лидерот на владејачката ДПА, Мендух Тачи, истакнувајќи дека овој пратеник бил резерва доколку Реџепи дошол во собранието да гласа.
Како што рече Тачи, првично не биле сигурни во Реџепи, па затоа имале план Б.
–Ние имавме супер резерва пратеник кој со сигурност немаше да гласа за рушење на владата. Не беше сигурно дали Кастриот Реџепи ќе гласа или не, затоа знаевме дека има друг пратеник кој нема да гласа против оваа влада – рече Тачи.
Побаравме коментар од генералниот секретар на АА и градоначалник на Гостивар , Арбен Татавари, во врска со тврдењата на власта дека имаат начелен договор со нивна пратеничка, но досега не добивме одговор.
Во меѓувреме, Алтернатива ќе одлучува дали да ја прифати поканата на премиерот Зоран Зааев за влез во владата, што, доколку се случи, парламентарното мнозинство ќе може да дојде до 65 пратеници.
В.С.