„Патлиџан дипломатија“: Њујорк стана дипломатски џубокс

by Фокус

Дали ТВ-презентерката Бесмира Ејупи се квалификувала за конзул затоа што прочитала неколку вести од рубриката „Свет“, реагира ВМРО-ДПМНЕ по вчерашната информација дека 28-годишната презентерка ќе биде генерален конзул на Северна Македонија во Њујорк.

„СДСМ и ДУИ ја срамат Македонија на секој чекор. Именувањето на конзули во Њујорк и Чикаго е уште една потврда за тоа. Кога јавноста помисли дека од патлиџан дипломатија не може подолу, власта демантира, па на клучни позиции испраќа ТВ-водителка и син на еден аналитичар, без никакво дипломатско искуство.

Именувањето на Бесмира Ејупи за конзул во Њујорк и Петри Муслиу, синот на аналитичарот Алберт Муслиу, за конзул во Чикаго е скандалозно. Според кои критериуми овие лица добиле толку важни дипломатски позиции во САД?“, реагираат од ВМРО-ДПМНЕ.

Исто така, реагираше и пратеникот од оваа партија и поранешен министер за надворешни работи Антонијо Милошоски, кој истакна дека Њујорк станал, како што вели, дипломатски џубокс. Според него, именувањата за конзули се незаконски.

„Бесмира Ејупи можеби е амбициозна, но не ги исполнува законските услови за Генерален конзул, бидејќи ниту е дипломат со високо звање во МНР, ниту сме забележале дека е афирмирана личност во надворешната политика.

Истото важи и за лицето Петрит Муслиу, на кого му ја исполниле желбата да биде Генерален конзул во Чикаго. И оваа владина одлука е незаконита, бидејќи и Петрит Муслиу не е дипломат со високо звање во МНР, ниту е афирмирана личност во надворешните односи. Тоа што неговиот шура Каевски е пратеник од СДСМ, или што неговиот татко е провладин аналитичар на ТВ дебати, не може да биде основ за релативизирање на законските услови.

Со овие незаконити одлуки за генерални конзули може да се поврзе и спорната номинација на Проф.Фрчкоски за амбасадор во ООН во Њујорк, кого официјален Вашингтон со сериозни забелешки го одби за амбасадор во Америка“, порача Милишоски.

Поврзани новости