ПП апарат под клуч во модуларната болница која изгоре до темел

by Fokus

Противпожарни апарати имало во модуларната болница во Тетово која изгоре до темел, но не биле на дофат на пациентите, сведочеа на денешното рочиште сведоци на одбраната. Една од точките кои им се става на товар на обвинетите е дека во привремениот објект немало противпожарни апарати, како причина за пожарот да се прошири и да ги зафати сите простории. Како последица на тоа загинаа 14 луѓе.

Двајца сведоци кои работеле како чувари во болницата изјавија пред судот дека виделе противпожарни апарати, но дел од нив се наоѓале под клуч.

„Во текот на денот се случувало 4-5 пати да влезам во модуларната болница и јас лично видов противпожарни апарати. Мислам дека имаше три ПП апарати. Видов еден во чекалната, еден во собата на медицинските сестри и еден во магацинот. Не, таму каде лежеа пациенти не видов противпожарен апарат. На главната врата имаше натпис „Забранет влез“. Вратата беше заклучена со клуч“, рече Башким Ибрахими, пренесе Алсат.

„Во тетовската болница работам од 2015 година. Влегував внатре во модуларната по потреба по 5-6 пати на ден од денот кога беше отворена се до пожарот. Во горниот дел од модуларната мислам дека видов противпожарен апарат, а на влезната врата пишуваше „Влезот е забранет за цивили“, рече Исмаил Сејрани, сведок.

Од судот соопштија дека следното рочиште е закажано за 25 април, кога ќе се кажат завршните зборови, а потоа ќе биде изречена пресудата. Во овој случај обвинети се поранешните директори на болницата Флорин Бесими и Артан Етеми и лекарот Бобан Вучевски.

Поврзани новости