Познато кој се од европските лидери доаѓа на Самитот со Зеленски во Лондон

by Fokus

Десетина европски лидери денеска ќе одржат вонреден самит во Лондон за да ја подобрат безбедносната соработка и да обезбедат поголема поддршка за Украина, по драматичниот судир меѓу Киев и Вашингтон кој изненади многумина, пренесува АФП.

Сојузниците на Украина ја нагласуваат цврстата посветеност на одбраната на Украина поради загриженоста дека американскиот претседател Доналд Трамп би можел да го разочара Киев во преговорите со Русија.

- Advertisements -

Еден ден откако доживеа бурно збогување од Белата куќа, украинскиот претседател Володимир Зеленски пристигна во Лондон во саботата, каде што беше срдечно пречекан од британскиот премиер Кир Стармер на Даунинг стрит.

Двајцата лидери се прегрнаа пред камерите, а Зеленски обезбеди заем што ќе и помогне на Украина да ја зајакне својата одбрана, исцрпена по повеќе од три години борба против руската инвазија.

Доаѓаат лидерите на Франција, Германија, Данска, Италија, Турција…

„Благодарам на народот и владата на Обединетото Кралство за вашата неверојатна поддршка од првиот ден на оваа војна“, рече Зеленски. „Ние сме среќни што имаме такви стратешки партнери со кои ја споделуваме визијата за сигурна иднина за сите“, додаде тој.

Зеленски денеска ќе се сретне и со кралот Чарлс Трети, а потоа ќе им се придружи на европските сојузници на самитот за безбедност.

На состанокот учествуваат лидери од неколку европски земји, меѓу кои Франција, Германија, Данска, Италија и Турција, заедно со претставници на НАТО и на Европската унија. „Сега е време да се обединиме за да обезбедиме најдобар исход за Украина, да ја заштитиме европската безбедност и да ја обезбедиме нашата заедничка иднина“, рече британскиот премиер Кир Стармер.

Поврзани новости