Интересна приказна деновиве доаѓа од соседна Србија, откако тапанарот на легендарната Ју Група, Слободан Јуришиќ Јура минатиот месец преку социјалните мрежи молеше за финансиска помош, бидејќи се нашол во незавидна ситуација. Останал без дом, па привремено бил сместен во трошна соба без струја и вода, а немал средства ниту да се прехрани.
Како што појаснуваше во апелот за помош, од продажба на стан добил 90.000 евра, кои потоа му биле украдени, а немал ниту работа, ниту пак каде да оди.
Веднаш по објавата на апелот голем број на негови поранешни колеги му помогнале и му дале одредена сума на пари, а една недела потоа, му се јавила и жена од Деспотовац.
Станувало збор за Вера Ѓедовиќ, која во младоста пеела во кафеани, а изминатите 20 години живеела сама во куќа од 200 квадрати и и било потребно друштво.
Јура се согласил да замине кај неа, па им се случила љубов на прв поглед.
– Веќе петнаесет дена живеам заедно во Вера, овде ми е супер, таа е многу добра. Постојано ми готви, внимателна е, се запознав и со мештаните, кога одам во кафуле сите сакаат да ме почестат, многу се љубезни, раскажува Јура во интервју за српски Курир.
Вера пак, додава дека имала возрасни синови и внучиња кои живееле во друг град, и 20 години била сама, секојдневно молејќи се да сретне човек со кого ќе ја помне староста.
– Јас повеќе не возам, но му купив автомобил на Јура, за наши потреби. Му давам џепарлак, се е добро, среќна сум што тој е овде.
Тој има чисто срце, а мене ме интересира само тоа, не ме интересираат пари и богатство. Постојано одев во црква и се молев Бог да ми прати некого, да не бидам сама. Сега срцето ми е полно со радост и можам уште утре да умрам, вели Вера за Курир.рс.
На новинарското прашање до Јура, дали планира да се венча со Вера, тој вели дека сега им е убаво и не сака ништо да расипува, но доколку се решат за брак, тој морал првин да се разведе.
Инаку, Ју Група беше основана во 1970 година и зад себе има антологиски песни. Во ноември 2020 година во „Комбанк Арена“ во Белград одржаа голем концерт по повод пет децении постоење. Покрај Јуришиќ, тапанари во групата беа и Раша Ѓелмаш, Драган Мициќ, Драгољуб Ѓуришиќ и Игор Малешевиќ.
Вики Клинчарова