Позицијата на Република Македонија во меѓународната политика во 1992

by Фокус

Темпото со кое поодделните земји ќе се движат кон Европа нужно ќе биде различно, но доколку завладее политиката на заемна доверба, би можеле да си помогнеме во европската насока. Во секој случај, треба да се отфрлат сите облици на политики од деветнаесеттиот и дваесеттиот век, кога коалиции на едни групи балкански држави се формираа за да им напакостат на други.

Пишува: Денко МАЛЕСКИ

(Белешки од годините на независноста)

Одново дома, чувствувам потреба да му ја објаснам на парламентот актуелната позиција на Република Македонија во меѓународната политика. На заседанието се трудам да бидам мирен и да ги избегнувам погледите на некои од пратениците, кои ме стрелаат со погледи.

Кога ќе се сетам на еден пратеник, онака раскопчан, со крстот на градите, кој седеше некако во моја линија – ќе го заострам зборот и ќе кажам дека погледот му беше заканувачки крволочен. „Трпение, си повторував во себе, …крстот е на твоја страна…“. Го помислив тоа, иако не сум религиозен.

ДОЛГОТ КОН ВОЈНАТА

„Господин претседателе, дами и господа, пратеници.

Цената што ја плаќаме за демократијата на овие простори е исклучително висока. Иако Македонија се залагаше за демократски договор меѓу републиките, за идниот облик на заедничко или одвоено живеење, таков договор не беше постигнат.

Основната причина е во тоа што за таков демократски договор се потребни демократи, кои знаат дека договор значи компромис, толеранција и почит кон мислењето на другиот – а демократи немаше доволно.

Завршивме во етничка војна што нѐ понижи нас, Европа и светот во целина, ставајќи нѐ нас во Македонија, во положба на неми сведоци на еден, во понови времиња, невиден колеж и масовни уништувања.

Федералната структура, не успевајќи да се приспособи на новото време и новите стремежи на народите, ги поттикна дезинтеграциските тенденции, за на крајот да се стави во служба на една република. Со уривањето на цивилната власт, пак, армијата се најде оставена самата на себе и се вмеша во политиката на начин, кој самата го процени за нужен, за на крајот да се врзе за остатокот на федералните структури.

Во овој период загинаа илјадници цивили, беа разорени многу домови, а стотици илјади луѓе станаа бездомници и бегалци. Непотребно е да се нагласува дека сето ова беше проследено со забрзано осиромашување на населението со сѐ уште несогледливи последици за стандардот на сите нас, кои долго ќе го отплаќаме долгот кон војната. Во оваа војна беа буквално згазени сите норми на цивилизирано однесување, вклучително женевските конвенции и принципите на завршниот акт од Хелсинки.

ПРИНЦИПИ ЗА ИЗЛЕЗ ОД КРИЗАТА

Во ова време на криза и понижување, Југославија, како држава, го загуби својот идентитет пред светот, а републиките, сега веќе суверени држави, се здобија со сопствен идентитет – различен, се разбира, и согласно нивното поведение во овие тешки времиња. Не е потребно веќе никому во светот да се објаснува што стои зад името Хрватска, Словенија, Србија, Босна и Херцеговина, Црна Гора или Македонија. Кој е нашиот идентитет денес?

На светот му се претставивме како држава, која, препознавајќи ги знаците на времето во кое живееме, нуди цивилизирана разврска на кризата. Понудивме решение на Конференцијата за Југославија, кое би ги помириле стремежите на народите за сопствена држава и европските текови на интеграција (Планот Глигоров – Изетбеговиќ).

Учествувавме во креирањето на документот на лорд Карингтон за лабава асоцијација на потполно суверени држави, Но, и во едниот, и во другиот случај недостасуваше заедничка волја за мирољубив дијалог. Се покажа уште еднаш дека умереноста и толеранцијата не се силната страна на сегашните републички лидери.

На меѓународната Конференција за Југославија, под покровителство на Европската заедница, Македонија уште од првиот ден од нејзината работа ги предложи своите видувања за исходот на Конференцијата. Ги предложи следните принципи за излез од кризата:

-Почитување на внатрешните граници, бидејќи промената на границите со сила, ќе отвори серија кризи што ќе доведат до граѓанска војна.

-Заемно уважување на републиките како суверени држави и нивно меѓународно признавање (нешто што подоцна се случи во Советскиот Сојуз).

-Меѓународни (европски) гаранции за човековите права и правата на малцинствата.

-Армијата (ЈНА) да не ја употребува својата сила во решавањето на бројните и неизбежни конфликти, туку да се приспособи на процесите на промена.

-Зачувување на економската целина на Југославија бидејќи нејзината фрагментација и создавањето меѓусебно непријателски држави ќе нѐ одведе во сиромаштија, социјални немири и во нова граѓанска војна.

-Сојузот, доколку се согласиме на тоа, мора да почива врз степен на единство, што е можен во овој момент. Тоа би овозможило демократијата и пазарните односи да отворат нови патишта кон повисоки форми на економска и политичка интеграција.

-Раздружувањето, доколку се согласиме со тоа, треба да биде извршено на начин што ќе ги сочува добрососедските односи.

-Траењето на мораториумот на воени дејствија да се продолжи до крајот на Конференцијата.

ГИ ИСПОЛНИВМЕ УСЛОВИТЕ

Поаѓајќи од овие принципи, се заложивме да се изгради модел, кој ќе им пријде на проблемите на Југославија како целина. Со други зборови, се заложивме за генерално решение, кое ќе ги има предвид интересите на сите.

Овој принцип, за разлика од домашните критичари, никогаш не беше протолкуван од странските учесници на Конференцијата како обид да се спречи чие било признавање или обид да се сочува Југославија како една надживеана политичка форма. Сепак, Конференцијата, на начин на кој ја замисливме, не успеа.

Но, трудот не беше залуден. Бројните претставници на Европската заедница имаа можност, на пленарните седници и во работата на комисиите, детално да се запознаат со погледите на секоја република поодделно. Учесници во работата на Конференцијата беа и специјалниот пратеник на Генералниот секретар на ОН, Сајрус Венс, поранешниот државен секретар на Америка и претседателот на Арбитражната комисија, Робер Бадинтер.

Токму од оваа европска комисија, Република Македонија доби полна сатисфакција за својата политика. Како што е познато, во Извештајот на Арбитражната комисија стои дека ги исполнуваме условите да бидеме признати како независна држава.

Велам, добивме полна сатисфакција за својата политика затоа што оценките се даваат за политиката што ја води една држава, оти само името „Македонија“ не може да ни донесе поволно мислење.

Петте претседатели на уставните судови на Европската заедница ја ценеа политичката содржина и принципите врз кои почива внатрешната и надворешната политика со која Македонија се презентира пред светот. Оттука и бесмисленоста на тезата кај нас, дека „Македонија“ ги исполнува условите за признавање , а македонската политика не сторила ништо за признавањето, или на тоа слично!?

Уште еден европски извештај може да ѝ служи на чест на Републиката и нѐ охрабри да продолжиме во истата насока. Тоа е извештајот на Мисијата на КЕБС за остварувањето на човековите права во Југославија,во  кој состојбата со човековите права и правата на националните малцинства во Македонија и во Словенија се оценува како „релативно задоволувачка“. Овој документ беше презентиран и усвоен на последниот состанок на КЕБС во Прага.

НОВ БАЛКАН

Дами и господа пратеници,

Втората светска војна ги убеди народите на Западна Европа дека национализмот води кон судири, омраза, духовна и материјална беда. Оттука и идеите за една поинаква иднина – за Европа, која ќе гради и еден наднационален државен идентитет.

Нациите на Источна и Јужна Европа денес, наоѓајќи се во еден процес на задоцнет развој, нужно се соочуваат со две противречни тенденции – една што налага афирмација на државноста на народите и друга која налага да се пречекорат границите на таа државност и да се следат патиштата на економска и политичка интеграција на континентот.

Со ова набргу ќе се соочи и државата Македонија, доколку сака да стане дел од европските интеграции. Од нас се очекува, пред сѐ, на просторот на кој живееме да дадеме свој придонес во градењето на заедничкиот европски дом.

Тоа нема да биде нималку лесно затоа што регионот на Балканот уште долго време ќе биде нестабилен. Имено, ќе биде потребно време да се организира стопанството врз основа на принципите на пазарната економија како и да се изградат новите демократски институции.

Ако, притоа, го имаме на ум фактот дека демократијата како систем е извор на неизвесност, во смисла дека никогаш не можеме да бидеме сигурни какви луѓе ќе бидат избрани во власта, ниту со какви методи ќе владеат, тогаш е јасно дека во процесот на учење, во кој се наоѓа целиот регион, можни се и грешки.

Тоа, пак, што е ново во регионот на Балканот е дека за првпат во неговата историја постои можност сите држави да се обединат околу истите принципи – демократијата, дијалогот, човековите права и пазарната економија.

Тоа, со помош на развиениот дел на Европа, можеме да го претвориме во еден процес на градење нов Балкан како идна зона на стабилност, која, постепено, ќе се движи кон нови облици на европска интеграција.

Темпото со кое поодделните земји ќе се движат кон Европа нужно ќе биде различно, но доколку завладее политиката на заемна доверба, би можеле да си помогнеме во европската насока.

Во секој случај треба да се отфрлат сите облици на политики од деветнаесеттиот и дваесеттиот век, кога коалиции на едни групи балкански држави се формираа за да им напакостат на други. Конечно, потписници сме на такви документи, какви што се Хелсиншкиот завршен пакт и Париската повелба, кои бараат од нас да го оставиме зад себе минатото и да градиме иднина на мир и благосостојба…“.

Продолжувам да му ја објаснувам на парламентот актуелната позиција на Република Македонија во меѓународната политика на почетокот од таа 1992 година.

(Продолжува)

Поврзани новости