Министерката за надворешни работи на Бугарија, Теодора Генчовска го обвини премиерот Кирил Петков дека прави поделби во позицијата на Софија спрема прашањето на Македонија.
Генчовска пред новинарите изјави дека за различниот став околу Македонија бил виновен надворешно-политичкиот тим на Петков.
Генчовска зборуваше во Собранието на затворена седница за ова прашање по барање на пратениците на ГЕРБ во врска со ставот на Бугарија за членството на Македонија во Европската унија и дека, наводно, Петков се договорил со Скопје да го укине ветото до крајот на летото. Генчовска денеска не прецизираше кои се разликите на оваа тема.
Таа рече дека и покрај амбициите да се реши проблемот до крајот на француското претседателство со Советот на ЕУ, премиерот не прецизирал никакви рокови и никаде не кажал дека Бугарија ќе го тргне ветото за Македонија.
Како што јавуваат бугарските медиуми, Генчовска рекла дека во разговорите со нејзините колеги од Македонија стигнувале различни позиции од оние што ги усвоило Собранието.
Дијалогот со Скопје се врати на агендата на бугарското општество по несогласувањата во владејачката коалиција во Софија за тоа кога и како да се тргне ветото за преговорите и тврдењата на лидерот Има таков народ, Слави Трифонов, дека премиерот подготвува таков потег, а Петков го демантираше тоа.