Позитивни и охрабрувачки се првичните реакции на стопанствениците во однос на новите 100 милиони евра свеж капитал од ЕИБ Глобал.
Суштинско е совпаѓањето на целите – а тие се во насока на поддршка на ликвидноста и инвестиции во обновливи извори на енергија.
Во разговор за Локално, „компаниите“ делат идентичен став – подадената рака доаѓа во вистинско време.
„Со овие кредити ќе им се даде можност на компаниите да ја пребродат зимава што следува и ќе им се даде можност да инвестираат. Мислам дека поверојатно е дека ќе се задржи бројот на сегашните вработени и нивно благо зголемување отколку дека ќе има некое енормно зголемување на вработувањата“, изјави за Локално, генералниот директор на Раде Кончар ТЕП -Горан Антевски.
Според него, македонските компании размислуваат за фотоволтаиците како лесна можност за енергетска независност, но практично ќе биде да се размислува за батериски системи за складирање на енергијата за поголема независност и искористување на сонцето како енергија.
Оттука како што објаснува, ќе биде целисходно да се размислува за потикнување на компаниите за вложување и во овој сектор со доделување на грантови и поволни кредити.
Покрај решавањето на потребите за ликвидност и обезбедување инвестиции во обвновливи извори на енергија, средствата што ЕИБ Глобал и ги стави на располагање на Банката за развој на Македонија ќе бидат наменети и за зголемување на продуктивноста како и за поголем извоз.
Критериумите се се уште непознати, но тоа не ја исклучува мотивираноста на компаниите.
„Секако дека би имало интерес бидејќи се очекува пониска камата од моменталната камата на комерцијалните банки, бидејќи овие кредитни линии се наменети за потикнување на инвестирањето со поповолни можности за компаниите. Сеуште не се познати сите параметри и висината на каматните стапки но се надеваме дека ќе бидат пониски , иако некои од Банките во Македонија за слични проекти веќе нудат поволни камати од 2,9% годишно со една година грејс период и враќање на кредитот до 8 години што во сегашните услови е поволно“, вели Антевски
Според Развојната банка на Македонија, нивната улога е непроменета, односно како и досега треба да овозможи пристап на компаниите до поволни кредити за инвестиции и кредити за обртни средства кои се неопходни за нивен раст и развој.
К.В.С.